Италија: Порој однесе најмалку 10 животи

Сподели

Најмалку 10 жртви однесе порој што се појави по обилните дождови во јужниот италијански регион Калабрија. Загинатите биле туристи, главно Италијанци, кои вчера биле на планинарење и се движеле во исушената клисура, кога ненадејно надошла водата од обилните дождови.

Според италијанската цивилна заштита, 18 луѓе се спасени, а шестмина се во болница. По преживеаните и телата загинатите се трагало вчеравечер и во текот на ноќта, со големи рефлектори.

Трагедијата се случила во кањонот на Раганело во  источниот дел на националниот парк Полино. Во времето на инцидентот во кањонот имало најмалку две туристички групи.

Спасувачката операција е во тек, оти уште три лица се водат како исчезнати.

Карло Танси, раководител на Отсекот за цивилна заштита на Калабрија вели дека клисурата бргу се наполнила со вода и луѓето ги катапултирала од карпите.

Според Лука Франчезе од Горската спасителна служба во Италија водата во клисурата достигнала 2,7 метри височина, а ваквиот порој типично се случувал зиме, а никогаш на лето, поради што многу туристи се упатуваат во разгледување токму во летните месеци.

Ова е втора голема трагедија во Италија во две седмици. На 14 август се урна мост на автопат во Џенова, при што загинаа вкупно  43 лица.

meta.mk