Вести Македонија Ударни вести

Итна потреба за градење на образовни капацитети за развој на зелени иновации

Сподели:

 

 

За да може да се развиваат зелени иновации, како клучен аспект на зелената транзиција и одржливо управување со ресурсите потребно е да се поседуваат одредени вештини, кои ќе се стекнуваат во формалното и неформално образование, беше истакнато на денешната Регионална трибина „Зелени иновации во стручното образование и обука – предуслов за регионален развој“, која се одржа во рамки на проектот „Гриновет – Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образование и обука“.

„За развој на зелените иновации потребни се технички и генерички вештини. Генеричките зелени вештини се однесуваат на стекнување на компетенции креативност, критичко размислување, работење со други, забележување можности, заштита на животната средина и етичко и одржливо размислување. Техничките вештини и занимања кои се потребни генерално се поврзани со соодветно управување со отпад и рационално искористување на енергија, како што се: рециклирање на отпад, користење на обновливи извори на енергија, енергетски инженери, експерт за трансформација на отпад во извор на енергија, експерт за различни аспекти на користење на паметни технологии, како и вештините за зелен маркетинг, рециклирање на храна“, истакна Мила Велковска од Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење.

За развој на технички вештини и занимања потребна е ревизија и проширување на постојните наставни програми што водат до формална квалификација со цел да се развијат зелени технички вештини и занимања, а се истакнува и потребата од поголема флексибилност во наставните програми и наставните методи. Од друга страна пак, развојот на генерички вештини не се поврзува со креирање нови наставни програми, туку постои потреба од проширување на постоечките наставни програми така што ќе се поттикнуваат овие меки вештини што не зависат директно од работното место или професија.

Трајче Велковски доцент на Машински факултет и координатор на Центар за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации појасни дека компетенциите кои недостасуваат во нашата земја се слични како и во другите земји како и со Зелените компетенции (GreenComp) објавени оваа година од Европската Унија, како најзначајни компетенции за развој на зелените иновации.

„Центарот за извонредност на стручно образование и обука за зелени иновации кој во јануари годинава беше воспоставен на Машинскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје има една и единствена цел да им помогне на младите да развиваат зелени бизниси и да ги развиваат своите идеи во една средина каде што малку повеќе ќе се грижат за животната средина преку креирање на иновативни концепти кои ќе го намалат и оптимизираат искористувањето на природните ресурси“, истакна доцент Велковски.

Центарот ќе работи на воспоставување на системско решение за градење на капацитетите на соодветен наставен кадар, преку стекнување на потребни вештини во текот на образовниот процес, а потоа и обезбедување на соодветно образование. Во проектот „Гриновет“ од нашата земја се вклучени Машинскиот факултет од Скопје, Сојузот на стопански комори на Македонија, Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење, Раде Кончар ТЕП и АСУЦ „Боро Петрушевски“ како и уште 13 партнери од Австрија, Португалија и од Финска. Центарот има за цел да овозможи соодветно управување со знаењето, ресурсите и инфраструктурата на сите засегнати страни и да придонесува за регионален економски раст преку промоција на еколошки и одржливи иновативни процеси овозможени преку стручно образование и обука. Центарот преку своето делување обезбедува на наставниците, учениците, компаниите и на општеството подобри можности за адаптација и имплементација на зелена транзиција, како и подобра врска меѓу индустријата и образовните институции со цел да се надомести недостигот на компетенции за развој на зелени иновации.

Сподели: