Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека состојбата со корона вирусот се следи, а доколку викендов се влоши состојбата во понеделник ќе се предложат нови рестриктивни мерки.

“Еден пакет на рестриктивни мерки до владата е веќе предложен и треба да се направат законски измени, законот е во собраниска процедура и очекуваме следната недела Собранието да го изгласа. Предложените мерки опфаќаат забрана за групирање по 22 часот, задолжително носење маска на отворено и забрането групирање во домашни усливи. Разговаравме и за дополнителен пакет на рестриктивни мерки. Ако има потреба до владата ќе биде предложен овој пакет мерки во понеделник” – рече Филипче.

Тој рече дека има сериозен процент на новозаболени кои не знаат да кажат каде се заразени.

-Со овие мерки таргетираме места каде има групирање и влијаеме на повеќе места да се намали ризикот на трансмисија. Доколку продолжи овој тренд на зголемување на случаи овој пакет на мерки заедно со претходниот сериозно ќе ја редуцира можноста за трансмисија на вирусот, – изјави министерот Филипче.

На прес-конференцијата присуствуваше и д-р Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести кој изјави дека драстично зголемениот број новозаболени е резултат на непочитување на мерките.

“Анализата на епидемиолошките податоци во последните три дена, кога имаме драстично зголемен број на позитивни лица, укажува дека одредени настани кои се случиле во нашето секојдневно опкружување се главниот промотор на поголем број случаи, тоа значи ивентите, журките, концертите, сѐ она што го видовме на телевизија, групирање, недржење дистанца од 2 метра, непочитување на мерките или неносење маски. Очигледно во периодот што е зад нас мерките не се почитуваа. Голем дел од овие анкети на заболените, со самиот факт што тие се меѓу 20 и 39 години, ни кажува дека тоа не се луѓе кои биле на домашна свеченост, туку сите биле, народски речено, каде што може да се направи журка, промоција. Оделе за да бидат видени. Мислам дека овој есенски бран малку подрани, временските услови не се такви за да имаме групирање во затворен простор, но со доаѓањето на сезонскиот грип оваа шанса за зголемување на бројот поради групирање ќе биде поголема. Поради сето тоа Комисијата за заразани болести предложи да се усвојат два сета мерки” – изјави д-р Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести.

denesmagazin.mk