Иванов со Хајндл: Нема повеќе место за алиби и за избегнување на обврските од Пржино

Сподели

Ivanov-Hajndl-860x680

Нема повеќе место за алиби, изговори и за избегнување на обврските од Договорот од Пржино, потенцирал претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба со специјалниот пратеник на германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер, амбасадорот Јоханес Хајндл.

„Политичките чинители треба да покажат конструктивност, одговорност и висока свест за интересите на граѓаните и на државата“, рекол Иванов, стои во соопштението од неговиот кабинет за средбата.

Амбасадорот Хајндл од своја страна ја поздравил и упатил честитки за одлуката на Иванов за целосното поништување на аболицијата, со што „се отвори можност за фокусирање кон обврските од Договорот од Пржино“.

На средбата претседателот Иванов изразил очекување дека неговата одлука ќе придонесе за надминување на политичката криза.

Двајцата соговорници се согласиле дека единствен начин за излез од политичката криза е спроведувањето на обврските од Договорот од Пржино.

Иванов и Хајндл размениле мислења и за прашањата околу мигрантската и бегалската криза и за влијанието на актуелната политичка состојба врз севкупните капацитети на државата во справувањето со неа.

Иванов – Хајндл: Нема повеќе место за избегнување на обврските од Пржино