Иванов со писмо до ЕУ, НАТО, САД и Турција во врска со Албанската платформа

Сподели

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати писмо до членовите на Европскиот совет, до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и до двата стратешки партнера, претседателот на САД, Доналд Трамп и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во кое ја објаснува актуелната состојба во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).

„Република Македонија веќе две и пол години минува низ длабока политичка криза. Со олеснувачката улога на ЕУ и на САД беше постигнат Договорот од Пржино, во чија суштина беше организирање предвремени парламентарни избори во фер и демократски услови и формирање Влада на Република Македонија што најпрво ќе се фокусира на итните реформски приоритети“, вели Иванов во своето писмо.

Тој потсети дека три од четирите парламентарни партии на етничките Албанци во Република Македонија, под покровителство на премиерот на Република Албанија, Еди Рама, и неговиот министер за надворешни работи во Тирана создадоа платформа за Албанците во Македонија.

„Платформата е постизборен документ усвоен во туѓа држава, во кабинет на странски државник и со посредство на премиер на туѓа држава. Со оваа платформа се загрозува сувереноста и независноста на државата, доведувајќи ја Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема друга држава. Реализацијата на платформата подразбира промени во Уставот на Република Македонија со кои би се загрозил унитарниот карактер на државата. Платформата го нарушува Охридскиот рамковен договор, кој ги регулира односите на етничките заедници со државата Република Македонија и нивните меѓусебни односи. Во спротивност со Охридскиот рамковен договор, платформата е дискриминаторска кон другите етнички заедници, бидејќи приоретизира само една заедница. Оваа платформа од Тирана дополнително ја дестабилизира внатрешнополитичката состојба и ги зголемува меѓуетничките тензии во Република Македонија“, објаснува македонскиот претседател.

Иванов смета дека осудата и отфрлањето на овој документ е единствен начин за излез од безизлезната состојба во која се наоѓа Македонија.

„Само на тој начин ќе ги постигнеме целите на Договорот од Пржино, пред сè итните реформски приоритети, политичката стабилизација, намалувањето на меѓупартиските и меѓуетничките тензии во Република Македонија и враќање на државата на патот кон европските и евроатлантските интеграции. Во тој контекст, барам со внимание да ја разгледате вистинската реалност со која сме соочени и да се заложите оваа штетна платформа да биде јавно отфрлена и осудена од страна на Европската Унија и НАТО, и нивните земји-членки. Понатаму, очекувам да го осудите флагрантното мешање во внатрешните работи на Република Македонија од страна на два нејзини соседа – аспиранти за полноправно членство во Унијата. Конечно, очекувам да испратите силна порака до нашиот геополитички ранлив регион за неповредливост на границите на Балканот и да ја реафирмирате европската и евроатлантската перспектива на земјите од регионот“, порачува Иванов во своето писмо.