Апелациониот суд Скопје ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“, со што правосилно завршува постапката поврзана со изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Со одлуката паѓа и основата за конфискација на „Белата палата“ и другиот партиски имот опфатен со предметот.
Апелација денеска ја одбила како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје и ја потврдила пресудата на Основниот кривичен суд.
“При постапувањето и одлучувањето, Судот оцени дека преземените дејствија од страна на обвинетиот Н.Г. од С., како одговорно лице во правното лице, се во рамките на неговите овластувања и не се изведени докази од страна на Основното јавно обвинителство Скопје дека постапувањето на обвинетиот е спротивно на Законот за финансирање на политичките партии. Во текот на постапката Основното јавно обвинителство Скопје, како овластен тужител, не докажал надвор од разумно сомневање дека ГП “Бетон” имал својство на субјект кој во моментот на склучување на договорите со политичката партија, вршел јавни услуги во смисла на горенаведениот закон, така што не постоела законска забрана за донирање средства од негова страна на политичката партија, ниту пак постоела обврска на обвинетиот како одговорно лице на политичката партија, тие средства да ги врати”, информираат од Апелационит суд.
Со оваа пресуда, ВМРО-ДПМНЕ си ја враќа тапијата за партиското седиште, вредно 14 милиони евра и имот од 2 милиони евра, кој беше замрзнатат со години.
фото ВМРО-ДПМНЕ


