Изградба на гасоводен интерконектор со Грција во вредност од 60 милиони евра

Сподели:

      Стартуваше изградбата на гасниот интерконектор со Грција во должина од 66,7 километри на потегот од Гевгелија до Неготино.

      “Денес не го поставуваме само почетокот на изградбата на еден гасовод, туку го поставуваме почетокот на еден нов, енергетски посигурен, економски поефикасен и стратешки поисплатлив период за сите нас.

      Преку реализацијата на овој проект, како и најавените поврзувања со гасоводните системи на останати наши соседи, стануваме значајна енергетска крстосница, што очекувам дека ќе донесе конкретни придобивки за целиот регион, а пред сè за македонските граѓани и домашната економија.

      Овој гасоводен интерконектор ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување за индустријата и домаќинствата, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите и една силна порака- конечно стануваме дел од европската енергетска мрежа.

      Со овој проект ќе изградиме 66,7 километри гасовод на македонска територија, со цевки со дијаметар од 700 милиметри. Како што кажа и директорот, почетниот капацитет е 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, кој што може да се зголеми и до 3 милијарди. Тоа е енергија за раст. Тоа е гориво за економијата.

      Вкупната вредност на проектот е околу 3,7 милијарди денари, или околу 60 милиони евра. Со поддршка на овој проект од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и со Европската Унија покажуваме дека можеме да направиме многу повеќе.
      Да бидеме искрени- овој проект не е нова идеја. Но, досега остана само како идеја. Иако беше ветувано претходно, никогаш не беше започнат.

      Се поврзуваме со гасоводите на соседите. Тоа ќе нè направи регионална енергетска крстосница. Тоа значи повеќе избори, повеќе стабилност и пониски трошоци. Тоа значи дека повеќе нема да бидеме на крајот од мрежата, туку во срцето на регионалниот енергетски тек”, изјави премиерот Мицкоски во присуство на министри, амбасадори од ЕУ, САД и Грција, како и директори на институции и компании, кои го означија настанот како историски за земјата.

      Сподели: