ИЗИИС – Институт од втора категорија под покровителство на УНЕСКО

Сподели

unesco

Во седиштето на УНЕСКО во Париз на 5 јули, официјално е потпишан Договор меѓу Република Македонија и УНЕСКО со кој Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје ќе биде Институт од втора категорија под покровителство на УНЕСКО со фокус на подготвеност кон катастрофи и намалување на последиците од нив. Како што информира Министерството за култура, во име на Република Македонија.

Договорот го потпиша в.д. амбасадорот во Париз Габриел Атанасов, а од страна на УНЕСКО – генералниот директор Ирина Бокова.

Министерството наведува дека со тоа Македонија ќе придонесе во насока на преземање превентивни мерки од природните катастрофи – земјотреси во регионот, но и на глобално ниво.

– Со досегашното високопрофесионално работење на ИЗИИС и неговата висока стручност, која е потврдена во практика на меѓународно ниво, ќе се придонесе во заедничките заложби на УНЕСКО, соопшти Министерството за култура.

Апликацијата на Република Македонија за основање на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во Скопје како Институт под покровителство на УНЕСКО од Категорија 2 беше потврдена на 37-та Генерална конференција на УНЕСКО одржана пред три години во Париз.

– Оваа активност е еден од многуте проекти што ги реализиравме заедно со УНЕСКО преку кои се потврдува одличната соработка што Република Македонија ја негува со оваа еминентна организација. Во изминатите години се реализираа и други многу значајни проекти, меѓу кои се и: отворањето на Центарот за дигитализација на културното наследство, отворањето на двете катедри на УНЕСКО на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања и Школата за медиуми, основањето на 12 клубови на УНЕСКО, вклучувањето на десетина училишта од РМ во мрежата на „Здружени училишта“ на УНЕСКО, прогласувањето на нашиот истакнат оперски пејач Борис Трајанов за уметник на мирот на УНЕСКО, наведува Министерството за култура.

Република Македонија од 2014 година се вклучи и во долгорочната програма на УНЕСКО, „Човекот и биосферата“, со прогласување на регионот Охрид-Преспа за прекуграничен биосферен резерват, а од особена важност, посочува Министерството, е што досега впишавме и три културни добра на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.

– Република Македонија и во иднина доследно ќе се залага за натамошно развивање на УНЕСКО, засилување на нејзината меѓународна улога, унапредување на традиционалната соработка со сите држави членки, ефикасност во работата и стимулирање на интелектуалниот и материјалниот потенцијал со кој располага во решавањето на глобалните проблеми со кои се соочува човештвото, а се во доменот на УНЕСКО, информира Министерството за култура.