Документ од ВИКИЛИКС – Скопје уште 2008 година прифатило име Република Северна Македонија

Сподели

Во доверливиот документ од Викиликс, од американската амбасада во Скопје, од 29 јули 2008 година, објавен во грчкиот весник „Прото тема“ во кој тогашната амбасадорка на САД во Македонија Џилијан Миловановиќ, се  објаснува кои позиции би биле прифатливи за македонската страна, се причина за препукувања меѓу лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас.

Документот е со со содржина која покажува дека целите на Македонија не се многу променети и дека името Северна Македонија, македонски за јазикот и идентитетот биле, според документот, позициите на македонската страна во јули 2008 година.

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски глумел дека не сака решение на спорот за името, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, реагирајќи на информациите што ги објави Викиликс дека македонските власти уште во 2008 година прифатиле промена на името.

„Познато е дека Груевски не сакаше никакво решение на спорот за името. Се исмеваше со меѓународните играчи, се претвораше дека е принуден на компромис. Никој не му веруваше, освен, ако се потсетиме, господинот Мицотакис“, вели Коѕијас.

Се огласи и Мицотакис, кој објавата на Викиликс ја нарече трагична. „Денес од Викиликс дознаваме дека Скопје во 2008 година барало државата да се преименува во „Северна Македонија“, а нивните луѓе да се нарекуваат „Македонци“, кои наводно зборуваат „македонски јазик“. Тоа на најтрагичен начин го потврдува она што со месеци го кажувам – дека премиерот Ципрас, министерот за одбрана Каменос, и Коѕијас сакаат да го претстават овој исклучително штетен договор за Грција за успех, што ги задоволи барањата на Скопје’, изјави Мицотакис.