Излизгани возила и превртени камиони, во прекин сообраќајот на дел од патиштата

Сподели

Сообраќајот на неколку патни правци во земјава е во целосен прекин поради излизгани и превртени тешки товарни возила, соопшти Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ).

Како што информираат оттаму, сообраќајот на патните правци Скопје – Велес и Велес – Скопје е во прекин за сите видови возила, поради излизгани и попречени возила, а од 19.30 часот во целосен прекин е сообраќајот и на патните правци Кавадарци – Неготино и Охрид – Ресен, кај превој Буково, поради превртени тешки моторни возила.

На патниот правец Струмица – Валандово, поради излизгано тешко моторно возило, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.

Поради врнежите од снег, забрани за движење на тешки товарни возила има на патните правци крак Маврово – Дебар, Гостивар – Кичево, преку планинскиот премин Стража, Кичево – Охрид преку планинскиот премин Пресека, на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, на патниот правец Битола – Ресен преку планинскиот премин Ѓавато и на патот Ресен – Охрид преку планинскиот премин Буково.

Сообраќајот на државните патишта, според АМСМ, се одвива во зимски услови, по влажни коловози, а во западниот и во северниот дел од земјата, на места има остатоци од снег по интервенција на екипите на „Македонија пат“.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.