Изложба на мотоцикли, блуз и рок бендови во Парк на Франкофонија

Сподели

Општина Центар информира дека манифестацијата „Cruise Cult 2025“, која ја претставува и ја слави културата и уметноста на мотоциклизмот ќе се одржи на 29 јуни 2025 година, од 12:00 до 17:00 часот, во Паркот на Франкофонија.

Програмата на „Cruise Cult 2025“ ќе биде поделена на неколку целини. Ќе бидат изложени внимателно одбрани мотоцикли од сите значајни категории – chopper, customized, cruiser, bobber, trucker, café racer, rat bike, rare и classic. Во секоја класа ќе бидат претставени неколку карактеристични модели. Во рамки на настанот ќе биде поставена и фотографска изложба, со селекција од 10 до 15 фотографии што го доловуваат визуелниот идентитет и животниот стил на мото-културата.

Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека љубителите на уметноста ќе имаат можност да следат и специјализирани перформанси, меѓу кои airbrush и pinstripe работилници. Дополнително, ќе има и презентација на графити арт, со цртање во живо. Музичкиот дел на програмата ќе биде резервиран за настапи на блуз и рок бендови, кои ќе го надополнат автентичниот амбиент на манифестацијата и ќе обезбедат целосно уживање за сите посетители. Бендот „In the mood“ ќе настапи од 12 до 14.30 часот, додека пак бендот „Day Off“ од 15 до 17 часот. 

„Со години наназад вложуваме во настани кои ја збогатуваат јавната сцена, ги отвараат јавните простори за граѓаните и промовираат слобода на изразување. ‘Cruise Cult’ е сцена каде што уметноста, индивидуалноста и автентичниот урбан идентитет се среќаваат. Овој настан е симбол на отворена, прогресивна и креативна заедница, и токму затоа, Општина Центар ќе продолжи активно да ги поддржува сите иницијативи што создаваат вредност, инспирираат, и ја прават нашата општина вистински модерен европски центар“, вели Герасимовски.

Манифестацијата „Cruise Cult 2025“ е бесплатна и отворена за сите граѓани, поддржана од Општина Центар.