Изложба „Одлуки“ на Славчо Максимовски во Љубљана

Сподели:

На седми септември во Љубљана, македонскиот сликар Славчо Максимовски ќе ја отвори својата нова изложба „Одлуки“.

“Храброст против непознатото”

Сликарскиот циклус „Одлуки“ претставува визуелно истражување на човековата егзистенција низ призмата на изборот, неизвесноста и личната трансформација. Создаден во текот на изминатите две години, циклусот ги преиспитува процесите на одлучување и нивното влијание врз емоционалниот, психолошкиот и животниот пат на поединецот.

Циклусот се движи на пресекот меѓу симболизмот, надреализмот и современата фигурација. Преку интензивен колорит, слоевити композиции и внимателно избрани симболи, се создава визуелен простор во кој личното искуство на авторот прераснува во универзална приказна.

“Непредвидливост”

Мотивите на кругот, хоризонтот и коцката ја обликуваат симболичката структура на делата: кругот го означува новиот почеток, хоризонтот ја претставува границата меѓу познатото и непознатото, а коцката ја отелотворува непредвидливоста на изборот. Човечката фигура, поставена меѓу одлучноста и сомнежот, станува носител на внатрешните конфликти и стремежот кон промена.

“Помеѓу страста и немирот”

Со циклусот „Одлуки“, се отвора простор за размислување за личната одговорност, храброста за промена и прифаќањето на неизвесноста како суштински дел од современото човечко искуство.

Сподели: