Изложба „Патот до слободата“, посветена на 250-годишнината од независноста на САД

Сподели:

Во Скопје денес беше отворена изложбата „Road to Liberty“ („Патот до слободата“), посветена на 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави.

На настанот присуствуваа претставници на Градот Скопје, вршителката на должноста амбасадор на САД Никол Варнс, како и претставници на Амбасадата на САД и Американското катче во Скопје.

Изложбата преку историски приказни, идеи и интерактивни содржини ја претставува историјата на САД и ги истакнува вредностите на слободата, еднаквоста и човековото достоинство, со посебен фокус на младите.

Настанот е уште една можност за зајакнување на пријателството и соработката меѓу Северна Македонија и САД, како и за создавање нови можности за културна размена, знаење и поврзување на младите.

“Денес ми беше особена чест, заедно со вршителката на должноста амбасадор на САД, госпоѓа Никол Варнс, во Скопје да присуствуваме на изложбата „Road to Liberty“/„Патот до слободата“, посветена на големиот јубилеј – 250 години од независноста на Соединетите Американски Држави. Оваа изложба нè води низ историските приказни, идеите и храброста што го обликувале американското општество, потсетувајќи нè дека слободата, еднаквоста и човечкото достоинство се вредности за кои секоја генерација има одговорност да се грижи”, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Од Градот Скопје упатија благодарност до Амбасадата на САД и Американското катче за соработката и изразија уверување дека партнерството ќе продолжи со нови иницијативи од интерес за граѓаните и младите.

Воедно, беше упатена честитка по повод 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави.

Сподели: