Изложбата под наслов „Пресек“ на авторката Ирена Паскали ќе биде отворена на 18 септември, во 19 часот во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам.
Изложбата е дел од програмските активности на Националната галерија за 2026 година, а е поддржано од Министерството за култура и туризам на РС Македонија и ИФА (IFA – Institut für Auslandsbeziehungen – Institute for Cultural Relations) од Германија. На отворањето на изложбата ќе се обратат г-ѓа Петра Дрекслер, амбасадор на Сојузна Република Германија во РС Македонија, д-р Али Синани, директор на Националната галерија на Македонија, авторката Ирена Паскали и Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, куратор на изложбата.
Ирена Паскали (р. 1969, Охрид), е истакната македонска мултимедијална и современа уметница со богата меѓународна кариера. Завршила средно уметничко училиште во Скопје, Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2000) во класата на професорот Станко Павлески, а магистрирала на престижната Академија за медијални уметности во Келн, Германија (2007), каде живее и работи од 2004 година. Добитник е на повеќе меѓународни стипендии (Германија, Франција, Того, Русија, Латвија), како и меѓународни награди (Кореа, Албанија, Германија, Србија и др.). Има реализирано повеќе самостојни изложби и е учесник на многу меѓународни изложби.
Ирена Паскали работи во различни медиуми – фотографија, видео, цртежи, експериментален филм, перформанс, а нејзините дела вклучуваат и експерименти со природни материјали. Централното место во нејзината работа и истражувања е посветено на човекот, општествените и социјално-политичките прашања кои се во неразделна врска со идентитетските прашања и отуѓувањето, духовноста, односот меѓу минатото и сегашноста, како и фрагментација на културите и религиите. Изложбата под наслов „Пресек“, претставува селекција од нејзиното богато творештво и одбележување на 30годишното уметничко дејствување на Ирена Паскали, а истата ќе биде отворена за јавност до 22.10.2026 година.


