Изложба “СÈ ШТО НИ Е ЗАЕДНИЧКО: Животните не се таму некаде” во МСУ

Сподели:

СÈ ШТО НИ Е ЗАЕДНИЧКО: Животните не се таму некаде, Интернационална изложба во организација на Музејот на современата уметност – Скопје, на 28.11.2026 година со почеток од 20 часот, во Музеј на современата уметност – Скопје.

Кураторки: Мира Гаќина и Јованка Попова

Уметници и автори: Маурицио Гати, Елене Глонти, Крсто Глигорјадис, Клелија Живковиќ, Осама Затар, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Роман Селим Кередин, Гал Кирн, Изабела Левенска Миљаниќ, Немања Миленковиќ, Ахмет Огут, Аби Палмер, Илија Прокопиев, Кикуја Сатоши, Ченг Синхао, Оља Триашка Стефановиќ, Марија Цагкари, Јане Чаловски.

Изложбата „Сè што ни е заедничко“ го насочува вниманието кон животинскиот свет, фокусирајќи се на другите видови со кои ги споделуваме нашите средини, истории и иднини, а чие постоење систематски било контролирано, маргинализирано, експлоатирано или невидливо. Во услови на климатска криза, забрзано исчезнување на видовите, во време кога грижата сè почесто се истакнува како општествена вредност, но сè поретко се остварува во практика, постантропоцентризмот се појавува како клучна концептуална рамка на размислување. Тој предлага поместување од сфаќањето на човекот како неспорен центар на знаењето, културата и моќта, отворајќи простор за животи, гласови, дејствувања и облици на знаење кои не се човечки, но сепак се суштински за опстанокот, правдата и одржливоста на светот што заеднички го населуваме.

Изложените дела се занимаваат со прашањата на повеќевидовската етика, истражувајќи го насилството вградено во антропоцентричните системи, но истовремено замислувајќи алтернативни форми на заедничко живеење. Тие обработуваат теми како што се етиката и политиката на грижата, нечовечката перцепција и јазик, сведочењето и страдањето на животните во системите на човечко насилство, шпекулативните и архивските облици на животински отпор, хибридноста и мултивидовската коегзистенција, деколонизацијата на перцепцијата, како и можностите за солидарност помеѓу видовите. Преку разновидни уметнички практики и медиуми, уметниците предлагаат афективни и политички начини за замислување на односите со нечовечкиот живот, насочени вон логиката на доминација, кон заемност, меѓузависност, грижа и коегзистенција.

Оттука, изложбата ги поставува животните во средиштето на заедничките еколошки и политички реалности, препознавајќи ги како активни чинители со сопствени искуства, емоции, меморија, начини на комуникација, соработка и отпор, а не како симболи, метафори или естетски мотиви. Иако изложбата се занимава со итни глобални прашања, таа е подеднакво длабоко вкоренета во својот локален контекст. Присуството на илјадници бездомни кучиња и други животни на улиците на Скопје и низ Северна Македонија ги открива противречностите во односот на општеството кон животните со кои го делиме просторот. Нивното секојдневно присуство отвора прашања што ги надминуваат рамките на благосостојбата на животните и се однесуваат на јавната одговорност, институционалната грижа и начините на кои го организираме заедничкиот живот во градот. Иако се составен дел од урбаниот живот, овие животни се изложени на
занемарување, малтретирање и убивање, а односот кон нив ги разоткрива не само границите на институционалната одговорност, туку и пошироката општествена толеранција кон насилството, селективноста на сочувството и нееднаквата вредност што им се припишува на различните облици на живот.

Покрај постојните дела на меѓународни уметници и избраните дела од Колекцијата на солидарноста на Музејот на современата уметност – Скопје, изложбата ќе вклучи и дела од македонски уметници кои произлегуваат од непосредното соочување со локалните услови во кои живеат животните и од прашањата што ги отвораат односите меѓу луѓето, животните, градот, институциите и животната средина.

Истата се надоврзува на долгорочниот кураторски истражувачки проект „Сè што ни е заедничко“, започнат во 2018 година и развиван низ серија меѓународни изложби кои ги истражуваат солидарноста, социјалната правда, политичката имагинација и алтернативните форми на коегзистенција.

Отворањето на изложбата ќе биде проследено со DJ-сет на Нино Наумов.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на РСМ и Тиквеш.
Дизајн на постер: Албана Бектеши.

Сподели: