Изложба „Suzanne“ од Ивана Мојсовска – Ликовна галерија Прилеп

Сподели

 

Изложбата е инспирирана од веќе реализираниот танцов перформанс во колаборација со кореографката Адријана Данчевска, која е и субјект на овие дела.

-Сузан е измислен карактер кој ни ги пренесува екстремните расположенија на една млада жена која се бори со сопствените емоции и пориви. Во овој проект, карактерот на Сузан е повторно предмет на естетската материјализација каде преку фотографијата како медиум, ги доловувам моментите на екстаза и кинестетичка емпатија. Во дел од фотографиите акцентот е ставен на централниот субјект, односно ја гледаме Сузан во нејзината трансцеденција, додека во останатите дела Сузан е ставена во улога на спектатор и симболично ни ја прикажува сврзаноста на делата со кинестетичката емпатија. Анализирајќи ги танцовите перформанси и фокусирајќи се на перформативноста како процес од кој произлегува некаква акција, се обидувам да го замрзнам тој жив и интензивен момент на одвивањето на самиот уметнички чин – вели уметницата.

 

 

Ивана Мојсовска е млад, современ автор кој ги истражува емотивните состојби прикажувајќи ги преку своите експресивни и гестуални записи со кои таа постојано експериментира со нови сликарски медиуми. Делата на Мојсовска кои вклучуваат слики, танцови перформанси, инсталции и фотографија говорат за нејзиниот диверзитет додека експресивноста како правец е задржана во целиот опус.

Родена е во Скопје, Македонија. Во јануари, 2020-та година ги завршува магистерските студии на ФЛУ со самостојна изложба во МКЦ насловена “Meet Water”.

Ивана досега реализирала две самостојни изложби, има учевствувано на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Во последнава година остварува контакт со уметничка куќа во Mougins, Франција каде изложува свои дела.

Добитник е на наградата “Четирите мајстори на модернизмот” која и е доделена од ФЛУ.