Јованоски: Состојбата со коронавирусот во Прилеп е алармантна

Сподели

 

„Со цел да ја превенираме и запреме застрашувачката тенденција на ширење на заразата, на седница на Општинскиот кризен штаб донесовме заклучок да побараме од Главниот кризен штаб, заострување на мерките и воведување на дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе се однесуваат на целата територија на општина Прилеп. Во очекување на одговор на нашето барање, како Општински кризен штаб ги засилуваме локалните мерки за превенција и справување со болеста во градот и населените места. Најпрво, заради алармантната состојба и потребата од зголемен број на медински персонал во Инфективното одделение, го задолжуваме претседателот на Здружението на матични лекари од нашиот град, почнувајќи од утре па во наредниот период, да обезбеди по два тима, составени од доктор и медицинска сестра, кои ќе волонтираат по систем на ротација во втора и трета смена во Инфективното одделение. Ова е особено важно, затоа што постојниот медицински персонал во Инфективното одделение, е исцрпен и со крајни сили и напори се бори со заразата и се грижи за секој пациент“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, на прес конференција одржана после седницата на Општинскиот кризен штаб.

 

 

Градоначалникот Јованоски истакна дека Општинскиот кризен штаб донесе заклучокот, во соработка со Спасителната служба „Златоврв“, триесетина нивни волонтери на кои ќе им асистира и полицијата, да бидат вклучени во обезбедување на редот и дистанцата пред здравствените институции, банките, поголемите маркети и Градскиот пазар.

„Волонтерите од Спасителната служба ќе бидат ангажирани и за набавка и доставување на лекови и намирници до домовите на сите повозрасни и изнемоштени граѓани. Ги повикувам сите оние млади лица од нашиот град, кои се здрави или ја прележале болеста, а кои би сакале да помогнат и да се приклучат на волонтерската служба, да се обратат на телефонските броеви 073 333 800 и 073 333 900 кај одговорните лица за волонтерската служба, Дарко Неданоски и Сашо Јандрески. На истите контакт телефони, сите граѓани кои имаат потреба од доставување на намирници, ќе можат да се обратат секој ден, во периодот од 08.00 до 16.00 часот. Сакам да упатам уште еден апел до сите граѓани на општина Прилеп: носете заштитни маски, секаде и секогаш, избегнувајте го групирањето, дружбите и семејните веселби. Само на тој начин ќе успееме да ја ставиме ситуацијата под контрола, ќе си помогнеме себеси, на најблиските и на здравствените работници“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

Согласно донесените заклучоци на Општинскиот кризен штаб, во наредните
денови дезинфекцијата на улиците, јавните површини, како и на локалните и
државните институции во градот и населените места, ќе продолжи со засилен интензитет.

За влошената и крајно загрижувачка состојба со коронавирусот во општина Прилеп, најдобро зборуваат бројките. Имено, од почетокот на пандемијата, заклучно со вчерашниот ден, вкупниот број на заболени лица изнесува 2.766, а бројот на активни случаи е 1.021. Од нив, 856 пациенти се лекуваат во домашни услови, 117 во болнички, а 48 во дневната болница. Во изолација и самоизолација се наоѓаат 1.319 граѓани, а досега 125 лица ја изгубиле битката со вирусот.