Јовески испрати писмено барање до Судскиот совет

Сподели

 

Во врска со информациите од 452-та седница на Судскиот совет на Република Северна Македонија, на која беше разгледан и усвоен извештај од работна посета на Основен кривичен суд Скопје, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија испрати писмено барање до Судскиот совет. Барањето го објавуваме интегрално:

-Во кои предмети судските рочишта биле одложувани повеќе пати поради отсуство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) или од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје?

-На кои датуми биле закажани одложените рочишта во секој предмет поединечно и со какво образложение надлежните обвинители го оправдале отсуството?

Републичкиот обвинител Љубомир Јовески бара итен одговор од Судскиот совет откако на седница пред два дена во ова тело беше разгледуван и усвоен извештајот од работната посета на Основниот кривичен суд Скопје, а во кој членовите на Советот констатираа дека меѓу другото имало одолговлекувања на судски постапки и поради отсуство на обвинители.

„Ваквата информација (одговор на прашањата) е неопходна итно со цел да се овозможи законска обврска за надзор над законитото и навремено извршување на јавнообвинителската функција согласно принципот на хиерархија и субординација во Јавното обвинителство“, наведува Јовески.

Понатаму во писмото до Судскиот совет тој укажува дека информациите му се потребни и бидејќи ажурноста и ефикасноста се еден од основните критериуми за оценување на обвинителите, како и дека има опција да се поведе и дисциплинска постапка.

„Согласно Законот за јавното обвинителство, пак, на јавниот обвинител може да му биде поведена постапка за сторена дисциплинска повреда доколку пропушта да се јавни или неоправдано доцни на закажаните расправи или седници пред судот. Доколку јавниот обвинител без оправдани причини не постапува во предметите во пропишаните законски рокови поради што значително се одолговлекува постапката или настапила застареност на кривичното гонење, тоа претставува основ да биде поведена постапка за потешка дисциплинска повреда“, пишува републичкиот обвинител.

Тој најавува дека ќе бара од шефовите на ОЈО ГОКК и ОЈО Скопје, Ислам Абази и Гаврил Бубевски, да одржат и итни колегиуми за да им укажат на обвинителите дека повеќекратното отсуство од судски рочишта ќе биде основ за поведување итни дисциплински постапки против обвинителки ако се утврди дека неоправдано отсуствувале.