Јовица Ивановски – Онаа, нашата

Сподели

10342505_10154735265122699_1722278927981040649_n

ОНАА, НАШАТА

Девојка со
неприкладна фризура,
со патец поделена на средина.
Две лица на лубеница 
пресечена на пола – со сатар.
Две свински полутки од
кои едната не е свинска.
Два различни профила
и анфас на човек-слон.
Не е цела ако не е поделена.
Голема во очите на малите.
Не се гледа на детскиот глобус –
покриена е со глава на шпенадла.
(Секако дека ја сакам, во спротивно
ќе пишував за некоја друга.)
Каде тргнала, кај ќе стигне? –
се прашувавме до скоро, во себе.
Изгледаше снеможена, бледа,
како да нема боја на лицето.
Ѝ фалеше црвенило, шаренило.
Но сега, откако почна секојдневно
да го добива во пропишани дози,
живна и се крена од мртвите.
Полека, но сигурно, девојката
добива најмодерна фризура,
во сите бои што ги нуди
палетата на пролетта.