Вести Македонија Ударни вести

JП Дрисла: На општините Аеродром и Кисела Вода договорите им се истечени

Сподели:

 

Јавното претпријатие депонија „Дрисла“ – Скопје преку соопштение информира дека општините Аеродром и Кисела Вода немаат потпишано договор со нив и оти нивниот договор е истечен во март годинава. 

– Ги замолуваме градоначалниците од општина Кисела Вода и општина Аеродром да бидат поодговорни кога даваат изјави и да престанат безочно да лажат, особено поради тоа што веќе e креиран сомнеж за извршување кривично дело од нивна страна против животната средина. Имено, ниту општина Аеродром, ниту општина Кисела Вода немаат потпишан договор со ЈП депонија „Дрисла“ Скопје бидејќи тој им е истечен во март, стои во соопштението.

Од „Дрисла“ прашуваат каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори.

– Се поставува прашањето, каде го фрлале сметот овие две општини во изминатите месеци ако немаат договори со ЈП депонија „Дрисла“ Скопје, единственото предвидено место за одложување на отпад? Дали креирале и колку диви депонии креирале? Колку од дивите депонии кои ги исчисти градот Скопје повторно се претворени во хаос со отпад?, се наведува во соопштението.

Во главниот град изминативе неколку дена не се собираше отпадот поради протест на вработените во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје кои бараат повисоки плати и враќање на отпуштените колеги од работа.

Градоначалниците од Скопскиот плански регион денеска ќе одржат состанок на кој ќе расправаат за состојбата со хигиената во Скопје. Во меѓувреме, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ со помош на своите колеги од други општини синоќа почнаа да го чистат насобраното ѓубре, додека од Општина Центар најавија дека од утрово сами почнуваат со чистење на ѓубрето.

Од скопските општини Центар и Аеродром, по реакција од граѓаните побараа од надлежните итно да најдат соодветно решение за собирање на сметот. 

За состојбата со хигиената на територија на Град Скопје денеска седница ќе одржи Скопскиот плански регион. 

Сподели: