Кабинетот на Иванов вели СДСМ манипулира – од СДСМ велат Иванов имаше говор зачинет со омраза

Сподели

„Жалиме што владината делегација беше исвиркана на одбележувањето на празникот Илинден на Мечкин Камен во Крушево, но сметаме дека тоа на ниту еден начин не беше предизвикано од пораките упатени од претседателот Иванов, бидејќи тој никогаш не поддржувал инциденти и говор на омраза. Владата на Република Македонија треба самата да се запраша зошто македонскиот народ на тој начин реагира кон владините претставници и да преземе одговорност зошто народот е поделен и шири говор на омраза кон државните институции и неистомислениците“, стои во писменото соопштение од кабинетот на претседателот, после обвинувањата упатени од СДСМ, поточно изјавата на Костадин Костаиднов кој изјави

-Додека целиот државен врв одлучно порача да тргнеме кон иднината, само Иванов повика да останеме заглавени во минатото на омраза, поделби, криминал и неказнивост. Додека граѓаните ги славеа заедништвото и сплотеноста, Иванов разгоруваше и поттикнуваше меѓуверска и меѓунационална омраза како што тоа го прави со години. Со тоа Иванов ги погази вредностите на илинденското востание и заседанието на АСНОМ.

Говорот на Иванов беше срам за илинденците, срам за сите што се жртвувале за идејата за слободна, независна република Македонија. Со таквото антидржавно однесување, Иванов повторно покажа дека не е достоен за функцијата што ја извршува. Големиот празник вчера јасно покажа кој е иднината, а кој не влече назад кон темното минато. Граѓаните и политичките партии кои навистина се за ЕУ и НАТО, се обединија и избираат иднина наместо небиднина.

Иванов останува изолиран во своето антидржавно однесување, заглавен во минатото на криминал и неизвесност. Иванов останува на темната страна од македонската историја – изјавија од СДСМ.