Камчев излегува од притвор со гаранција од 11 милиони евра

Сподели

 

Бизнисменот Орце Камчев излегува од притвор откако Апелациониот суд ја уважи жалбата, пренесе РСЕ.

Судот ја прифатил и понудената гаранција од 11 милиони евра дека тој нема да ја напушти земјата. Камчев ќе има обврска еднаш неделно да се јавува во судот и да не го напушта местото на живеење, односно да не излегува од Скопје. Камчев пред неколку дена беше хоспитализиран во Систина.

На 29 декември од притвор излезе и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. И Камчев и Мијалков беа во притвор за предметот “Плацевите на Водно”. Обвинети во случајот се и поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Ратка Куновска Камчева, кои се товарат за „перење пари“.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно.