Кардиолошката болница во Охрид ја зафати пандемијата

Сподели

 

Ширењето на ковид-19 низ целата земја не го одмина ниту Охрид, кој е еден од најпогодените градови со изразено висока застапеност на британската мутација на корона вирусот. Деновиве корона вирусот ја погоди и Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.

Дел од лекарите, медицинскиот персонал и вработени во болницата, се позитивни на ковид-19, што ја отежнува работата. Болницата инаку непрекинато ја врши својата дејност во услови на пандемија, а неколку месеци наназад во посебен оддел третира и ковид пациенти.

Сепак, и со новонастанатата ситуација, во болницата и понатаму ќе се примаат сите итни случаи, а 24 часа во денот ќе се вршат и интервентни кардиолошки зафати за спасување животи, соопшти болницата.

„Сакаме да потенцираме дека во Ковид одделот кај нас се третираа најкомплексни пациенти од Охрид и регионот, и многу од нив имаа потреба од неинвазивна и инвазивна респираторна подршка. Но, и покрај се, ги информираме нашите пациенти дека непречено ќе функционира згрижувањето на сите итни случаи и Салата за интервентна кардиологија ќе биде на располагање 24/7 во функција на третирање на сериозни и животозагрозувачки состојби. И натаму, ќе работи ургентна амбуланта за оние кои имаат потреба од итен преглед. До нашите пациенти апелираме и натаму да бидат внимателни, да избегнуваат ризични контакти и да останат дома до постигнување на колективна имунизација“, стои во соопштението на оваа здравствена установа.