Католиците денеска го слават Велигден

Сподели:

Верниците на Римокатоличката црква денеска го слават најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден. Воскресението на Исус Христос е празник што ја симболизира победата на животот над смртта.

Вчера во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје беше отслужена Воскресна литургија која ја предводеше скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх, Киро Стојанов.

– Драги браќа и сестри! Велигденскиот пост, во римскиот обред, го започнавме со посипување пепел на нашите глави како знак на покајание и свест за сопствената ранливост и минливост, но и за нашата грешност, што нè охрабрува да се покаеме и да се вратиме кај нашиот Небесен Отец, изворот на секое добро. Велигден е дар од Бога и повик за сите верници да внесат светлина во времето на кризи и неизвесност. И покрај конфликтите и страдањата во светот, љубовта мора да биде посилна од омразата, а злото не смее да го има последниот збор. Ви посакувам Честит празник Воскресение Христово-Велигден! Христос воскресе! – порача скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх Киро Стојанов.

На литургијата присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Оливера Трајковска, претставници на верските заедници, граѓанските власти и дипломатскиот кор и личности од јавниот и општествениот живот.

Сподели: