Кацарска – Гир: ЕУ со силна поддршка за Уставниот суд

Сподели

 

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска денеска се сретна со шефот на делегацијата на Европска Унија, амбасадорот Дејвид Гир. Средбата се одржа на барање на евроамбасадорот Гир кој во име на ЕУ изрази силна поддршка и посочи дека го гледа Уставниот суд како пример, централна институција која ќе го предводи процесот на реформи во пристапните преговори. 

„Верувам Уставниот суд ќе биде пример на останатите институции во унапредување на реформскиот процес, бидејќи вие сте на самиот врв на владеењето на правото. Знам дека работите многу за да го одржите Уставниот суд дисциплиниран, транспарентен и да го одржите квалитетот на работата на многу високо ниво. Знам дека сите овие напори ги правите во период кога имате недостаток на судии и токму затоа и ја користам секоја прилика и средби со претставници на политички партии за да упатам важни пораки и побрзо да се комплетирате,” посочи амбасадорор Гир. 

Претседателката Добрила Кацарска го запозна амбасадорот со промените кои се случуваат во Уставниот суд во поглед на одлучувањето и праксата со предметите. Потенцираше дека се прави суштинска разлика во постапувањето на Уставниот суд, од пред неколку години и денес, бидејќи Судот се почесто одлучува да поведе постапки за неуставни или незаконски одредби, за предмети коишто порано се отфрлани иако биле со очигледни неуставни елементи. 

„Во последниот период имаме бројни примери со поведувања на постапки, што значи сме изразиле сомнеж во уставноста на некои одредби или прописи, оние кои се штетни за граѓаните сме одлучиле да ги укинеме или поништиме и со тоа престанале да бидат дел од правниот поредок, се почесто се впуштаме во мериторно одлучување по барања од граѓани, наместо како претходната пракса Судот веднаш да ги отфрла”, кажа Кацарска. 

Кацарска посочи дека функционална институција ќе значи надминување на проблемите со недостатокот на судии, односно пополнување на Уставниот суд со уште двајца нови судии, а од 7 декември кога истекува мандатот на судијката Вангелина Маркудова,  Собранието ќе треба да избере уште еден судија. Потоа почесто и погласно ќе зборуваме за намерата да се интервенира во Уставот и да се воведе уставна тужба, посочи Кацарска. 

„Имаме 51 предмет кои изминатата година не добија мнозинство гласови поради недостатокот на судии. Сосема малку се подобри ситуацијата со двајцата нови уставни судии, но тоа е незадоволително, мора да се изберат и останатите бидејќи имаме исклучително важни предмети за државата како предметот за Преспанскиот договор, Законот за јазиците, Законот за јавното обвинителство кои ќе ги ставам на дневен ред кога ќе биде Судот во полн капацитет, ” кажа претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.