Македонија Став Текстови Ударни вести

Озимец:Вознемирувањето на новинарките на Интернет ја загрозува слободата на медиуми

Сподели:

 

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24.1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19.5% и закани по животот, пишува  Кристина Озимец за Республика.

Над 81% од новинарките во Македонија се соочиле со вознемирување на Интернет поради нивната работа, покажа последното истражување на медиумската организација ПИНА, спроведено годинава, базирано на анкети направени со 103 новинарки од домашната медиумска сцена.

Кристина Озимец

Публикацијата дава детален и темелен увид за вознемирувањето, нападите и притисоците со кои се соочуваат новинарките поради објава на нивни стории со најразлични важни теми за нашето општество.

Важно е да се потенцира дека новинарките изјавиле дека најчесто мотивот за вознемирувањето бил објава на новинарски текстови насочени кон центри на моќ, а во 43.4% од случаите поради објава на новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите.

Околу една третина одговориле дека имало вознемирување и поради објавени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички насочени кон некоја партија, додека помали се процентите за изразување на лични ставови и мислења за општествени случувања кои биле критички кон властите и кон некоја партија.

Новинарките се таргетираат како новинарки, но и како жени

Според содржината на онлајн вознемирувањето, најчесто станувало збор за говор на омраза – во 69% од случаите, во повеќе од половина од случаите (51.7 %) се работело за сексизам и за шовинизам (43.7%). Овие податоци, но и личните искуства споделени од новинарките, само го потврдуваат тоа што ние со организацијата долго го говориме и адресираме – новинарките се таргетирани поради нивната професија, но исто така се таргетирани и поради тоа што се жени во едно нееднакво и патријархално општество. Најмногу вознемирување се случувало на социјалната мрежа Фејсбук, а во помали проценти и на Твитер и на Инстаграм.

Формите на вознемирувања кон новинарките на Интернет се различни – од коментари кои се оставаат под новинарскиот производ, до споменување на нивното име и презиме во разни негативни конотации, па се до споделување на нивни фотографии со цел дискредитација, како и закани, навреди, вознемирувања во лични пораки, онлајн демнење и оркестрирани кампањи чија мета биле новинарките.

Според анкетата, 24.1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19.5% закани по животот. Последните две бројки делуваат помали во споредба со драстичното онлајн вознемирување од претходните бројки, но ако се земе предвид големината на примерокот опфатен во анкетите, излегува дека повеќе од 20 новинарки се соочиле со директни закани за физичко насилство и закани по животот поради нивната работа. Кај 16% од новинарките вознемирувањето не останало само онлајн, туку се префрлило и офлајн. Овие податоци треба сериозно да ги загрижат сите кои денес работат во и за медиумите и во новинарството.

Загрижувачки е и податокот дека на прашањето дали сметаат дека онлајн вознемирувањето со кое се соочиле е организирано од некого, повеќе од една третина од новинарките одговориле дека тие онлајн напади кон нив биле организирани. Ниту една од новинарките која се соочила со вознемирување не смета дека вознемирувањето нема да се повтори. Напротив, најголемиот дел (81.6%) од нив сметаат дека е многу веројатно истото повторно да се случи.

Извор: freepik.com

Новинарките имаат ниска доверба да го пријават вознемирувањето со кое се соочуваат на Интернет и доминатно сметаат дека нема да се преземе нешто посебно за да бидат заштитени. И покрај тоа што најголем дел од нив (86.4%) одговориле дека знаат во која институција треба да се обратат за да го пријават онлајн вознемирувањето, само 25.2% од анкетираните кои се соочиле со вознемирување го пријавиле вознемирувањето во надлежната институција.

Од нив, 41.9% изјавиле дека биле многу незадоволни од соработката со институциите. Само 2 новинарки (6.5%) биле задоволни од третманот на институциите. Меѓутоа, дел од новинарките изјавија дека не биле задоволни ниту од постапувањето на новинарските здруженија во кои го пријавиле случаот на онлајн вознемирување. Само 18.4% од анкетираните го пријавиле вознемирувањето во медиумските организации.

Директно влијание врз задушувањето на слободата на говорот

Прашањето за драстичното онлајн вознемирување чија мета се новинарките не е маргинално и не ги засега само жените во медиумите. Овој проблем за чии размери сега има конкретни податоци и споделени бројни искуства од самите новинарки, директно влијае и ја загрозува слободата на новинарството и медиумите и слободата на говорот во земјата. Сфаќањето на сериозноста на овој загрижувачки тренд и адресирање на ситуацијата треба да стане еден од приоритетите за дискусија, пред се’ во фелата, во медиумите и медиумските организации, а продлабочувањето на проблемот мора да запре.

Како што неодамна истакна авторката на анализата (Бојана Јовановска) на Медиумскиот фестивал Скопје 2022, целта на нападите во дигиталниот простор е да се замолчат гласовите на нападнатите, а посредно и да се замолчат и обесхрабрат нивните истомисленици, како и целни групи кои делат идентитетски карактеристики со примарните жртви на вознемирувањето. Затоа ова прашање не само што е важно за новинарките, важно е и за целокупната слобода на медиумите и за слободата на говорот во нашата земја.

Бидејќи нивната цел е токму тоа – да се задуши критиката, слободната мисла и да се замолчат оние кои објавуваат неповолни информации, стории или ставови за властите, партиите или други центри на моќ.

Новинарките, а и новинарите секако, се тренирани да се соочат со бројни проблеми кои ги носи природата на нивната работа, и да развијат „дебела кожа“ со која ќе истрпат разни видови на притисоци, влијанија и реакции со кои се соочуваат низ кариерата. Но, за некои однесувања нема оправдување и не треба да се прифатат однапред како нормална појава за ниту една професија, па ниту за новинарството.

Особено не кога се работи за онлајн булинг, за хајки, говор на омраза, шовинизам, закани за физичко насилство итн. Нормализацијата на овие однесувања и нивното игнорирање поради страв од покажување слабост, не ни помага.

Говорење гласно за соочувањето со ваквите искуства не е никаква слабост, туку напротив – е голема храброст. Гласноста за она со што се соочуваме дури може и да влијае на намалување пред се на дејствата на вознемирувачите и на преземање мерки за намалување на овој загрижувачки тренд. Искуствата говорат дека вознемирувачите и напаѓачите на Интернет се чувствуваат многу силни, токму поради нивното погрешно уверување дека не може да имаат правни последици за она што го прават.

Тука е важна и солидарноста меѓу самите новинарки, како и солидарноста од нашите колеги новинари со кои сигурно борбата за подобрување на ситуацијата ќе биде полесна.

Сподели: