Вести Изјави Македонија Ударни вести

Кацарска: Референдум за францускиот предлог би бил макотрпен и долго процес, но не треба се исклучи како решение

Сподели:

 

Не знам колку граѓаните во овој поларизиран емоционален момент може да проценат од анкета дали тие се „за“ или „против“ одреден предлог, којшто не беше ниту јавно достапен и за којшто има се уште многу недоумици и покрај објаснувањата, изјави денеска директорката на Институтот за европска политика (ЕПИ), Симонида Кацарска пред Форумот Еуропеум 2022 – „Западен Балкан и ЕУ во 2022 година: Што претстои?“.

Според Кацарска, во овој момент сите имаме одговорност да му дадеме простор на Собранието рационално да ги продискутира прашањата околу преговарачката рамка. Кацарска смета дека не објавувањето на протоколот и записниците оневозможува дел од луѓето да ја проценат состојбата и веројатно поради тоа се создава простор за недоумици и за поинакви толкувања. – Веројатно е подобро за сите нас доколку би знаеле во целиот тој пакет кои се тие документи и како изгледаат. Инаку, не можеме да говориме за суштествена дебата. Собранието е исклучително важно, бидејќи знаеме дека првиот чекор којшто доаѓа кај нас е промената на Уставот во тековниот предлог на преговарачката рамка, што нема да биде лесен чекор и за него мора да бидат обезбедени сите чинители колку што е возможно, рече Кацарска, нагласувајќи дека ниту еден консултативен процес не може да биде залуден доколку е отворен. На новинарско прашање колку е реално да се очекува дека би можеле да добиеме модифициран нов предлог, Кацарска одговори дека во оваа фаза, пораките се дека тоа е тоа, меѓутоа, како што рече „ние и да продолжиме, ќе мора да бидеме многу внимателни во дискусијата со Бугарија, пред се да не ја политизираме дополнително“. – Собранието веројатно може да донесе заклучоци во секој случај со коишто ќе ја обврзе Владата во нејзините понатамошни постапки. Ние искрено не сме на чисто кои фази ги поминал овој документ, мислам треба да продискутираме во Европската комисија до каде, до кои консултативни фази е тој поминат, посочи Кацарска. Во однос на тоа дали референдум би било решението, Кацарска вели дека за тоа се дискутира и оти не може да се исклучи и таа опција. – Не беше најавено од страна на Владата. Меѓутоа, повторно ќе се навратам на прашањето околу анкетите, многу треба да бидеме внимателни како би се поставило во тој контекст прашање, како би одела подготовката за таа дискусија, бидејќи имаме едно искуство и од референдумот со Преспа што не мислам дека е најопортуното во однос на начин на којшто се претставуваше европската интеграција. Веројатно најважното нешто што и ние би требало дома да го сфатиме е дека европската интеграција и дискусиите се случуваат дома, не е надворешна политика и ова мислам дека го гледаме сега се повеќе, го учиме на тешкиот начин, вели директорката на ЕПИ. Нашиот пример, додава таа, покажува дека иако знаеме оти во ЕУ нема гаранции, сепак ние мора да работиме на тоа и со земјите членки. – Барем доколку се одлучат, значи кое било решение да се оди напред дека ова не би било откажување од европската перспектива, ниту пак прифаќање на европската интеграција како лек за се. Бидејќи реалноста е некаде помеѓу тие две крајности. Референдумот би бил многу тежок да се организира. Би било тешко да им се објасни на граѓаните, тоа се многу комплексни прашања. Мислам дека ќе биде многу тешко и ќе биде макотрпен и долготраен процес, меѓутоа ќе речам, не треба да го заобиколиме кое било решение со оглед на поларизираноста што ја имаме, нагласи Кацарска. Прашана дали е можно менување на преговарачката рамка, Кацарска изјави дека е тешко тоа сценарио да се предвиди во оваа фаза. – Секогаш кога велевме за Бугарија постои прозорец на можност. Постои сигурно еден момент кога би можело тоа да се случи и во кои услови тоа не можеме да го предвидиме. Дел од нашите колеги велат не можеме да ја видиме иднината. Точно. Ова е на нас да процениме дали сме подготвени и да чекаме за да можеме да очекуваме веројатно почист процес, но истовремено и ЕУ се менува внатре. Затоа и ние денеска ги донесовме овие луѓе со коишто дискутираме во однос на новите идеи каде се движи истата и тешко е во тој контекст да ја предвидиме иднината. Веројатно пред две години во Украина ако прашавте немаше да може да предвидат дека ќе добијат кандидатски статус, истакна Кацарска. Денешниот настан го организира ЕПИ во рамки на својата организациска поддршка од ЕУ. На форумот чинителите од ЕУ, односно со претставници од истражувачката заедница, тинк-тенковите, како и дел од амбасадите на земји членки на ЕУ дискутираат како Западниот Балкан „помина“ на Самитот во јуни и се разгледуваат мноштвото идеи кои се појавија како од земјите членки, така и од регионот во однос на иднината на европското проширување.

Сподели: