Кекеновски до Кос: Македонскиот идентитет не е тавче-гравче

Сподели

Проф. д-р.Јове Кекеновски повторно со реакција до еврокомесарката Марта Кос.

“Почитувана госпоѓо Кос,

Со почит кон Вашата улога и посетата на нашата земја, како граѓанин на Република Македонија се чувствувам должен да реагирам на Вашата денешна изјава дадена на прес-конференцијата. Вие изјавивте: „Идентитетот е она како се грижиме за нашата традиција… манастирите, погачата, тавче-гравчето, пинџурот, полнетите пиперки…”

Со сета почит, но да бидеме јасни: Ние, Македонците, не го мериме нашиот идентитет според тоа колку лути пиперки ставаме во пинџурот, ниту колку убава е тавата со грав. Идентитетот не е фолклорна манифестација или гастрономско доживување.

Македонскиот идентитет е историски, јазично, културно и политички оформен низ векови. Тој е трајно изложен на негирања, условувања и обиди за релативизирање, па дури и бришење токму во контекст на нашиот евроинтегративен пат. Затоа, за нас, идентитетот не е симпатичен културен додаток, туку прашање на достоинство, континуитет и опстанок.

Не сакам да верувам дека вашата изјава била свесно насочена кон банализирање на македонскиот идентитет преку храна и фолклор. Верувам дека вашата намера беше да звучите пријателски и топло. Но, за жал, токму таквиот пристап ја разоткрива ограниченоста на европската перспектива кога се зборува за длабочината и сложеноста на македонското прашање.

Жално е што во третата декада од 21 век не сме сите народи на иста позиција. Словенечкиот идентитет, иако важен, никогаш не бил предмет на системско негирање од соседна членка на ЕУ. Македонија, пак, веќе со години се соочува со условувања што директно навлегуваат во суштината на нашата етничка и културна самобитност.

Во овој контекст, вашата изјава, иако можеби не беше злонамерна, дојде во чувствителен момент токму кога во Европскиот парламент се поднесуваат амандмани што го негираат постоењето на македонскиот јазик како посебен јазик. Наместо да биде сигнал на разбирање, ваквото сведување на идентитетот на кујнска традиција им дава ветер во грб токму на тие политички кругови кои настојуваат да го прикажат македонскиот идентитет како нешто плитко, споредно и споредливо со рецепти.

Тоа не е само реторичка грешка, тоа е конкретен удар врз борбата на еден мал народ да го зачува своето право на постоење во сопственото име, јазик и култура. Европа не може да биде дом на вредности ако не ја препознава болката на малите народи.

Затоа, ако навистина сакате да помогнете не го сведувајте македонскиот народ на рецепти и етнографија.

Слушајте нè. Почитувајте нè. И разберете: идентитетот не е објаснување за ЕУ. Тој е темел на човечко достоинство.”

01.07.2025 Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ