Вести Свет

Кери е загрижен поради шпекулациите дека САД се вмешани во атентатот на Карлов

Сподели:

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Џон Кирби, вчера изјави дека американскиот државен секретар Џон Кери за време на вчерашниот телефонски разговор со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изразил загриженост поради одредени шпекулации дека САД се вмешани во атентатот на амбасадорот на Русија во Анкара, Андреј Карлов, јавува Anadolu Agency (AA).

Кирби на дневниот брифинг истакна дека Кери изразил загриженост поради одредени шпекулации дека Америка е вмешана во атентатот или дека го поддржала поради фактот што Фетула Ѓулен се наоѓа во САД.

„Тоа е смешно тврдење. Не постои ништо што вели дека тоа е реално. Кери за време на денешниот разговор јасно го кажа тоа“, изјави Кирби.

Да потсетиме, министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу вчера го информираше државниот секретар Џон Кери дека терористичката организација ФЕТО стои зад убиството на Андреј Карлов, амбасадорот на Русија во Анкара.

Според турски дипломатски извори, Чавушоглу телефонски разговарал со Кери, а во таа пригода му кажал дека оружениот напад во Анкара го извршил Мевлут Мерт Алтинташ и истакнал дека зад убиството на амбасадорот Карлов стои терористичката организација ФЕТО.

Рускиот амбасадор Карлов беше убиен во понеделникот, во терористички напад што се случи при неговото обраќање на отворањето на фотографска изложба што во Анкара ја организираа руската амбасада и општината Чанкаја.


Сподели: