Книговодителот на мафијата

Сподели

 

Петрит САРАЧИНИ

Во секоја мафија, како што сме гледале на филмовите, “the bookie”, односно човекот што ги води финансиите и книгите на организацијата е клучен од многу аспекти. Не само за нејзиното успешно „финансиско работење“ и легализирање на криминалните пари. Тој човек станува особено битен кога доаѓа моментот за разоткривање на мафијашката структура.

Се сеќавате на мал милион сцени, особено во миговите кога на криминалците ќе им стане густо. Тогаш „книговодителот“ е постојано под притисок, и физички и психички, особено од страна на неговите работодавци. Ниту едно сведоштво не е опасно толку за мафијата, колку што може да биде опасно „книговодителот“, заедно со тефтерите, да падне во раце на полицијата и истражните органи. Затоа, честопати, доколку тој притисок не е доволен за дисциплинирање и замолчување на најнезгодниот сведок, фамилијата се решава и да го ликвидира „букито“, пред тој да падне во рацете на некој Елиот Нес или Фалконе.

И Македонија си има своја мафија. И нејзин книговодител. Човек до неодамна арогантен и самоуверен, но кој, откако почнаа да пукаат „бомбите“ на опозицијата, речиси и да не личи на самиот себе, и ретко се појавува во јавноста. А кога ќе се појави, тогаш тоа е лик на тажен човек, кој е постојано уморен, индиспониран, со длабоки подочници. Како да е постојано под психичка тортура, а богами и физичка.

Е па, драги гледачи, очигледно, истрагата за разоткривање на нашата мафија се ближи опасно кон целта. И „букито“ пукна. Повлече потез, со кој почнува разврската во овој наш маратонски филм, кој е мошне брутален и трае мошне долго, далеку повеќе од трилогијата „Кум“. Сега ќе почнат да фрчат понуди… кои не може да се одбијат.

Некој ќе јаде чоколадо, а некој ќе се задоволи со бел државен леб.

Но не во Белизе, туку во Шутка и Идризово.

http://civil.org.mk/2016/06/15/knigovoditlot-na-mafiata/?lang=mk