Колумна Став Текстови

Кој ќе ја запре иднината на Македонија – Ерол РИЗАОВ

Сподели:

 

Кревка и сиромашна Македонија, помалобројна од еден париски кварт, повторно стаса пред ‘Ртот Добра Надеж, кај што се спојуваат Атлантикот и Индискиот Океан. Прогнозата е дека ќе има голема бура, ама бродот на надежта и покрај оштетувања нема да пропадне. Капетаните, решавајќи свои интереси, каприци и инаети, поправајќи паднати рејтинзи, како главно мени нарачаа „мацедонише цуштенде“, замрсени македонски состојби. Ако не ги одмрсат, бродот ќе се насука на подводни карпи. Главниот готвач, Вујко Сем, вели дека до тоа нема да дојде бидејќи за десерт ќе се служи македонска овошна салата со егзотични плодови од непознато потекло, без оглед дали ја има во менито и дали е нарачана, таа секако ќе биде послужена.

Што мислите – дали може Македонија да остане со прстот во уста и да извиси по сѐ што направи и кој ќе биде тој силен јунак што ќе ја запре иднината на Македонија и на два милиони граѓани да стане членка на НАТО и во догледно време на ЕУ. Постои ли таква изгледна опасност. Дали е тоа заканата на претседателот на Франција, Емануел Макрон, или на Русија и Владимир Путин. Или, можеби, многу поопасни се локалните опозициски политички лидери Кирјакос Мицотакис и Ѓорге Иванов, кој кога спие ја извршува и функцијата претседател на државата. Или, пак, најголема опасност е кај актуелната власт на Македонија, која не знае како се спроведува кампања за историски најзначаен референдум.

На голема радост на предводникот на запирање на македонската европска иднина, Ѓорге Иванов го има безмалку истиот став со Мицотакис. Иванов не го потпиша ратификуваниот договор со Грција во македонското Собрание со образложение дека не прифаќа идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет и посебност на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.

Ако не сака да учествува опозицијата во остварување на историските стратегиски цели на државата и ако повикува на нивна блокада, тоа мора да го направат успешно партиите на власт во сојуз со граѓаните. Неопходно е референдумот да се одржи под исти услови како претседателските избори, со истиот цензус од 40 отсто од запишаните избирачи. Референдумот, така ќе ги порази сите ретроградни сили што ја влечат Македонија назад. Друг начин нема за она што зависи од нас самите.

Колумната на Ерол Ризаов, во целост прочитајте ја тука

Сподели: