Кој се плаши од ChatGPT и Dall-e лош? – Бранко Прља

Сподели

 

Наскоро ќе живееме (или веќе живееме) во свет во кој нема да можеме да препознаеме содржина генерирана од ВИ. Ова претставува сериозна закана за многу професии, меѓу кои и новинарството, а лажните вести ќе се множат како виртуелни печурки на бинарен дожд. Се поставува прашањето како да опстанеме и да се прилагодиме во еден таков свет кој пребрзо се менува, пишува Бранко Прља за Республика.

Бранко Прља

Што е ChatGPT знаат и пилињата, но тој не е само чет-бот или база на податоци, тој не е корисен само за пишување есеи, статии или домашни задачи – тоа е само врвот на сантата мраз! Со негова помош можете да напишете раскази, слогани, реклами, сценарија или новинарски статии, иако не сте писател или новинар, да пишувате код и да програмирате, да создавате сајтови или апликации без претходно програмерско познавање и многу повеќе!

На сајтот на арно.мк е споделена програма за панграм на македонски јазик, која авторот ја напишал без трошка знаење од програмирање! Со истата програма потоа го обучувал ChatGPT да напише панграм на македонски јазик.

Делумен панграм напишан од ChatGPT откако самиот се провери со програмата која ја напиша

Не мора да бидете професионалец во ниедна од овие области и речиси секој може да користи Chat GPT. Истото важи за аналогните модели како Bard (Google) и Bing (Microsoft). Со примена на оваа и други алатки на генеративна вештачка интелигенција (GenAI) навлегуваме во нова сфера на демократизација на информациите. Сепак, по сите анализи и предвидувања, цената за ова ќе ја платат многу професионалци, креативци и интелектуалци.

Основачот на Open AI, Сем Алтман, кој стои зад ChatGPT, во интервју со Лекс Фридман вели дека повеќето луѓе го „користат моделот како база на податоци, наместо како алатка за расудување.“ Во тоа се крие неговата тајна моќ. Значи, пишувањето есеи е „мачкина кашлица“ во споредба со покреативните употреби на алатката.

Многу уметници се чувствуваат загрозени

Кога се појави ChatGPT и Dall-e, подоцна и Stable Diffusion или Midjourney (последните три се модели за текст-во-слика) повеќето креативци го следеа развојот на истите со радост. Но, потоа креативците ги фати егзистенцијален страв и сфатија дека набрзо сите ќе бидат заменети со вештачката интелигенција.

Уследија низа тужби од уметниците и банките на слики кон компаниите кои ги овозможуваат овие модели. Грег Рутковски е дигитален илустратор од Полска, кој илустрирал добро познати игри како Dungeons & Dragons и Magic: The Gathering. Тој беше еден од првите вокални противници на генеративните ВИ технологии, поради јасна причина. За само еден месец по појавувањето на Stable Diffusion, бројот на генерирани ВИ слики со неговиот стил ја надмина целата негова животна продукција.

Делото „Одбрана на замокот (2018)“ на Грег Рутковски и употреба на стилот во Stable Diffusion (септември 2022) и Midjourney (март 2023) (поголема резолуција)

Се чини дека креативците кои комбинираат повеќе медиуми во нивната работа засега се сигурни. Тие дури имаат и бенефити од овие технологии, но прашање е на време кога и тие ќе бидат заменети.

Дизни режисерот и аниматорот, Арон Блез, неодамна сними видео насловено „Заменлив!“ со негова реакција на анимиран филм направен без ниту еден цртеж, туку целосно со употреба на ВИ. Наскоро за анимираните, па и долгометражните филмови нема да бидат потребни ни сценаристи, ни аниматори, ни кинематографи, ни режисери, па ни актери!

Кои работни места ќе ги замени ChatGPT и GenAI?

ChatGPT ќе ги замени пред се рутинските работни места за внесување и обработка на податоци како службеници, специјалисти за внесување податоци и административни асистенти. Едноставни услуги за клиентите, како што се одговарање на ЧПП, обработка на рутински барања и справување со едноставни поплаки, како во центри за повици.

Финансиски и сметководствени задачи како што се внесување и обработка на податоци, усогласување на сметките и основно финансиско известување, пред се книговодители и сметководители. Основно пишување и создавање содржини, како што се написи за вести, резимеа и описи на производи. Ова може да влијае на професиите како што се новинари, писатели на содржини и копирајтери.

Внимание: Целиот горен пасус е напишан од страна на ChatGPT како одговор на прашањето „Кои работни места ќе ги замени ChatGPT?“

Со рутинско истражување на истото прашање по разни новинарски текстови се доаѓа до истиот одговор, со извесни дополнувања. Експертите сметаат дека ChatGPT3 во иднина ќе ги замени дизајнерите на веб-сајтови, софтвер и веб девелоперитепрограмерите и кодерите, преведувачите и лекторите, аналитичарите за истражување на пазарот, менаџерите за социјални медиуми, телемаркетинг, виртуелни асистенти и слично.

ChatGPT веројатно ќе ги замени и сценаристите, па и писателите. Засега се користат како асистенти, но се поставува прашањето колку романи и филмови ќе бидат обмислени, напишани или развиени, делумно или целосно од ВИ. South Park се пошегува на темата, во епизода која делумно била напишана од ChatGPT, но таа станува реалност.

Сценаристите препознаваат драматуршки елементи, илустраторите или дизајнерите принципи на композицијата, а музичарите хармонии, композиции и слично. застрашувачкото е дека истите нешта ги прави и ВИ!

Професии кои ќе бидат (или веќе се) целосно (или делумно) заменети со генеративна АИ (поголема резолуција)

Chat GPT, фактите и фикциите

Една работа за која ChatGPT е ужасен се фактите. Засега има очајна потреба од факт-чекери (проверувачи на точноста на податоците) и моментално тоа е најбарана работа. Познато е дека ChatGPT знае да даде грешни информации, пр. ако барате ресторан може да ве упати на место кое не постои.

Но, со излегувањето на ChatGPT додатоците (плагини) и тие ќе бидат непотребни, зашто моделот ќе има можност да пребарува по релевантни сајтови како референци. “Browsing plugin” го решава проблемот на „factchecking“ зашто бара информации од проверени и реномирани сајтови.

Она од што се плашевме е поврзувањето на AI на интернет и тоа ќе се случи! Засега е ограничено, но можностите се неограничени, и застрашувачки. Новите функции се создавање графички претстави на податоци, обработка на слики, музика и слично.

За да работите каква и да е интелектуална работа наскоро нема да ви треба ништо друго освен ChatGPT! Со пристапот на интернет, ChatGPT може да анализира еден цел сајт за одредено прашање за неколку секунди и да одговори на истото со тоа што ќе ја сумира целата содржина на сајтот (па и повеќе сајтови) во еден пасус.

Ширењето дезинформации, образованието и глобалното влијание на GenAI

Најголем проблем ќе стане ширењето дезинформации. ChatGPT има огромен проблем со проверка на фактите и изнесува тврдења кои можат да бидат многу грешни, како да се сигурни факти. Истото тоа може да биде искористено (и веќе се користи) од создавачите на содржини (content creators) на портали, блогови, Youtube и слично како производ напишан и создаден од човек. Корисникот ја прима информацијата како фактичка и вистинита. Со никнувањето на интернет содржини креирани од ВИ во иднината ќе биде невозможно да се оддели вистината од измислицата.

Проблемот ќе стане уште поголем во училиштата. ChatGPT пишува толку добри есеи што е невозможно дури и за програмите кои се специјализирани да откријат дали некој текст го напишала ВИ, да потврдат со сигурност дека е така. Едукаторите ќе се соочат со вистински проблеми, линијата помеѓу фактот и фикцијата ќе станува се потенка.

Сите овие професионалци ќе мораат да се адаптираат, да ги вклучуваат алатките на GenAI во нивните професии или ако се автоматизираат целосно, да бараат нови!

Понови и поевтини модели базирани на отворен софтвер допрва доаѓаат. Тренирањето на ChatGPT чини повеќе од 4 милиони американски долари, а за одржување дневно е 100.000 долари. Но, отворените модели како Vicuna-13B, се тренираат за помалку од 300 долари и имаат 92% успешност во однос на ChatGPT.

Наскоро се очекува наплив на вакви апликации, така што секој повик да се паузираат од страна на Илон Маск и други јавни личности се залудни. Решавањето на проблемот со порамнувањето (alignment) на ВИ со човечките морални вредности засега е нерешливо, а прашање е дали некогаш ќе може да се реши.

Прекрасен нов свет?

Во интервјуто со основачот на OpenAI, водителот Лекс Фридман истакнува една важна поента која е парафраза на цитат од книгата „Прекрасниот нов свет“ на писателот и футуролог Олдоз Хаксли:

„Луѓето ќе го засакаат своето угнетување, ќе ги обожаваат технологиите кои ги поништуваат нивните капацитети за размислување“. Ова е можеби повистинито денес, отколку кога и да е во историјата.

Ако ништо друго, секогаш ќе има место за луѓе кои сакаат да бидат обучувачи на ВИ. Како што пишува во Системската картичка, GPT моделите прво се обучуваат користејќи голема текстуална база на податоци од интернет. Потоа се подесуваат со дополнителни податоци, користејќи алгоритам наречен „засилено учење од човечки повратни информации (RLHF, Reinforcement Learning from Human Feedback). Фактички, за проверка и усовршување на ВИ сте потребни вие! Прашањето е до кога ќе биде така.