Кондов со коментар за споредбата на Бугарија и Русија

Сподели

 

Бугарскиот министер за надворешни работи (МНР) Иван Кондов по заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, го прераскажал она што наводно му го кажал македонскиот министер за надворешни, Бујар Османи во однос на изјавата на македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Како што вели Кондов, а пренесува Бугарското национално радио (БНР), Ковачевски кога го споредил односот на Бугарија кон Македонија со оној на Русија кон Украина, всушност тој мислел на некои политичари во Бугарија.

„Тој се обиде да објасни дека де факто изјавата на премиерот била поврзана со конкретни политичари, а не со политиката на Бугарија во принцип, но јас му поставив прашање зошто во такви услови е посочена Бугарија, а не конкретните политичари на коишто мислат“, рекол Кондов.

На работниот ручек на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан со нивните колеги од земјите-членки на ЕУ, Кондов посочил дека настапот на македонскиот премиер воопшто не е начин за брза интеграција на земјава во ЕУ.

„Некои од колегите го поставија прашањето за побрзото проширување или за побрза патека. Нормално, од наша страна посочив дека е исклучително важно да се почитуваат сите обврски, вклучително и промената на уставот. Исто така посочив дека во сегашната ситуација, во којашто Бугарија е спомената на ваков нчаин, како што се случи, и контиунираното нарушување на човековите права – тоа сосема сигурно не е патот кон побрза интеграција, конкретно за Северна Македонија“, ги пренесува БНР зборовите на бугарскито министер за ндворешни работи.

Кондов наводно се сретнал со својот колега од македонска страна, Бујар Османи, за да се објаснат зборовите на премиерот Димитар Ковачевски./Мета.мк