Ковачевски-Бектеши: Ги намаливме цените на тестенините и млечните производи

Сподели

 

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, денеска, беа во обиколка на еден од маркетите во Скопје, со цел да се види состојбата со продажбата на тестенините и млечните производи.

 

 

„Денес можевме сите да се увериме дека ова намалување на цените се почитува од страна на производителите и од страна на трговците и истото се однесува како на намалувањето на цената на лебот, така и на замрзувањето на цените на тестенините, односно намалување и на цените на млечните производи кои ги набројав“, изјави премиерот Ковачевски, при посетата на маркетот, заблагодарувајќи се на министерот за економија, Крешник Бектеши, како и на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, и на производителите и трговците за напорите при носењето на одлуките.  

 

 

„Цените на основните прехранбени производи се намалуваат. Министерството за економија прави анализи на дневна основа и нема да  дозволиме никакво профитирање, а уште помалку кризата да биде врз грбот на граѓаните. Министерството за економија ќе подготви информација за секој производ и согласно тоа ќе се креираат нови мерки кои ќе следуваат најверојатно во април. Мерките ќе бидат насочени кон стопанството и граѓаните. Внимателно ги следиме сите случувања со движењето на цените на сите основни прехранбени производи. Ги повикувам коморите и компаниите да покажат општествена одговорност и самите да ги намалат цените на производите, со оглед на намалување на цените на суровините на светските берзи. Ако тие покажат дека се совесни и ги намалат сами цените, ние ќе излеземе со нови мерки за поддршка“, потенцираше министерот за економија, Бектеши.

Тој ја најави можноста за нови мерки, додавајќи дека во моментов се прават анализи.

„До утре ќе ги имам анализите за цените на шеќерот, јајцата и оризот, и до крај на денот ќе го информирам премиерот, дали има можности како кај другите производи да се реагира“, рече министерот за економија, Бектеши.

 

 

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, ги поздрави одлуките на Владата, оценувајќи дека тие се во интерес на сите граѓани. Тој рече дека подетални информации ќе имаат откако ќе ја увидат фактичката состојба.

„Во моментов, досега има намалување на цените. Повеќе од 160 инспектори се на терен во целата наша држава. И како што кажав претходно, во текот на денот ќе излеземе со подетални информации и апелирам како директор, бидејќи имаше шест дена период да се прилагодат трговците за почитување на оваа одлука, апелирам истото тоа да го направат, бидејќи во Законот за трговија и санкциите се високи, од 800 до 10.000 евра. А ние, како Државен пазарен инспекторат постапуваме по сите закони и без никаква селекција ќе ги вршиме надзорите максимално до крај и по закон“, изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат, Трајковски.