Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Ковачевски: Владата ќе се погрижи граѓаните да имаат парно оваа зима

Сподели:

 

Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за презентација на „Проектот за поврзување на локалните патишта“, во однос на Скопје, рече дека има два дела, едниот е затоплување на градот од нов оператор, за што ЕСМ веќе има добиено лиценци и второ, обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО, односно за когенеративната централа.

„Тоа се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави, со оглед на енормно високите цени на природниот гас, заради војната во Украина. Штом ќе бидат договорени и изнајдени најсоодветните извори на снабдување на гас, ќе бидат информирани и граѓаните“, изјави Ковачевски.

За доверителските односи меѓу ЕСМ, БЕГ или друг провајдер на услуги, Ковачевски изрази уверување дека ќе бидат решени согласно со Законот за трговски друштва и облигациски односи.

„Тоа што ни е обврска и одговорност, тоа го правиме и секојдневно. Денеска имам телефонски разговори од рано сабајле со премиери и претседатели на други држави, се со цел да можеме да најдеме најсоодветно снабдување со енергенси“, изјави Ковачевски.

Премиерот Ковачевски посочи дека, од својот прв работен ден како премиер, заедно со Владата и сега, работат за непречено снабдување со топлинска енергија на Градот Скопје и тоа по цени кои се соодветни за граѓаните.

„Работиме, непречено да обезбедиме снабдување со топлинска енергија за Град Скопје и тоа по цени кои се соодветни за граѓаните. Државата ги субвенционира цените на парното греење, во тоа можеа сите да се уверат кога дојдоа сметките без вкалкулирана субвенција од државата. Сега има поголем проблем, бидејќи цената на гасот е 10 пати зголемена од тоа што го имавме минатата година и почетокот на оваа година. Тоа што ни е обврска и одговорност тоа и го правиме секојдневно“, подвлече Ковачевски.

Сподели: