Ковачки рече дека министерката е на седативи, а Петровска најави дека ќе се видат на суд

Сподели

 

Јавниот интерес за политичарите мора да биде над се, како и зголемената потреба од отчетност и одговорност на избраните и именуваните функционери кои на располагање го имаат државниот имот и носат одлуки кои може да имаа трајни последици за сегашните и идните генерации, на јавноста и обелоденуваме дека во владата има министер кој не може да се носи со секојдневните обврски и согласно вешт наод и мислење од специјалист психијатар од 16.02.2023 година, подолг период е на седативи и има чувство на немоќ, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Тој потенцира дека за да се биде министер или премиер на една држава треба да поседуваш одредени квалитети но и да имаш соодветни реакции во дадени ситуации кои не секогаш ќе бидат пријатни.

– Според стручни лица кои како пратеник ги консултирав неподготвеноста за соочување со вистината и стравот поради своите несоодветни постапки може да предизвика манифестации в однесувањето како резултат на психичката состојба. Конкретно на министерката за одбрана согласно извештајот од психијатарот, цитирам: и се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација, проблеми во мислењето, збунета е и конфузна. Има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите работи што претходно ги извршувала, изјави тој.

Ковачки потенцираше дека според извештајот министерката чувствува бесцелност на нејзината активност и залагања и вели 3 месеци има повторувачки слики, опседната е, постојано е напната, често има немир, често има нарушен сон и инхибиција.

– Според специјалистот-психијатар, во психичкиот статус на Министерот која сама-доброволно се јавила и доброволно ги вршела психијатриските прегледи се констатира дека има оптеретен мисловен процес. Покрај оваа состојба на намалени когнитивни функции, на министерката и е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи, изјави Ковачки.

Тој истакна дека според законот за класифицирани информации односно уредбата член 4 точка 13, не може да му се издаде безбедносен сертификат на лице кое страда од ментална или емоционална состојба која може да предизвика значителни недостатоци на неговото расудување или доверливост и може да го направи лицето дури и ненамерно потенцијален безбедносен ризик што се утврдува врз основа на медицинската документација.  

– Прашањето до премиерот дали мислите дека има потреба за итно разрешување на Министерот за одбрана која е со наведените манифестации на психичката состојба за која има писмен документ од психијатар? Дали ќе ја разрешите? – прашува Ковачки.

На ова министерката за одбрана Славјанка Петровска му одговори на Ковачки.

„Да, точно е тоа што го прочитавте и тоа е вештачење за состојба која ми ја предизвикавте лично вие почитуван пратеник Ковачки, со лагите што континуирано ги пласиравте за мене. Тоа беше моја поранешна состојба поради вас, за која ќе го запознаам судот во постапката што ја водам. Јас сега сум добра, како што гледате, и сакам да ве информирам дека за лагата дека армиски разузнавачи се уапсени во Косово што исто така вие ја пласиравте, стигна известување од колегите од Косово и покажа официјален допис од косовските власти во кој таков настан воопшто не се случил.

И за ова ќе мора да се видиме на суд”, кажа Петровска.