КОЗЕРИЈА: АШКОЛСУН, БРАТЕ ЕРДОГАН! Чак – Кромидаровски

Сподели

cak noris karikature 112

Додека се случуваат политичките чистки во Турција, по неуспешниот воен удар против режимот на Ердоган, си го замислувам Никола Груевски како во друштво со своите верни соборци и бранители ги коментираат тамошните и овдешни случувања.

Сашо Мијалков: – Така требаше и ти да постапиш  братучеду! Дента кога објавивме дека Заев подготвува пуч во државава, веднаш требаше да го уапсиме. Ќе немаше шанса да ги објави “бомбите” за нас.

Груевски:  – Да, бе, во право си! Згрешив. Бев убеден дека струмичанчето ќе се уплаши и ќе се откаже од заканите.

Началникот Латас: – Немој да се лутиш Никола ама, јас да бев на твое место истиот ден ќе прогласев вонредна состојба. Првин ќе ги протерав американскиот и британскиот абасадор, а потоа и сите соросоиди, комуњари и странски платеници. Исто така, од Обама ќе побарав да го испорача Џорџ Сорос  да му се суди во Македонија.

Груевски: – Помислив на тоа, но не бев сигурен како светот ќе реагира на еден таков чекор и дали Устaвот допушта таква можност.

Професорката Каракамишева: – Кога државата е во прашање претседателе, нема тука трте-мрте. Знаете дека Уставот може да се чита и така и онака, ако треба и ќе се смени, и за еден ден. Парламентот е во наши раце, уставните судии исто така. Се` ќе беше на ниво на нашите демократски стандарди.

Бившиот амбасадор Никовски: – Сигурен сум дека другарот Путин ќе ти дадеше целосна поддршка. По она што се случи во Црна Гора, мајка Русија не ќе дозволи НАТО да влезе во Криволак, срцето на европската безбедност. Можеби и Кина, покрај провизиите ќе ни помогнеше со некоја атомска подморница.

Козарот Миленко: – И јас истото го мислам. Се работи за светски заговор против нашата државичка. Мора решително да настапиме, алатурка како што Ердоган направи. Јас имам веќе подготвен список со имиња на оние што по брза постапка треба да се елиминираат. Не се многу, неколку десетина илјади докажани антимакедонци, инсталирани во антивладините медиуми, во разни невладини организации, во професорскиот и студентскиот пленум.

Груевски: – Добро, добро ве разбрав, но во Турција има доволно затвори и за половина од нејзиното население. Како што знаеш, ние кубуриме со затворски капацитети. Не се сетивме навреме во програмата “Предордба во 100 чекори” да предвидиме и такви проекти. Премногу бевме преокупирани со “Скопје 2014” и тоа сега ни се одмаздува.

Миленко козарот: – И за тој проблем имам решение: не мораме сите да ги пратиме во затвор. Еден дел ќе ги изолираме на фудбалски игралишта, како што своевремено правеше Пиноче во Аргентина, а еден дел едноставно ќе ги снема, што се вели “ги папала маца”.Јас би почнал од најзакоравените непријатели, на пример, од Милчин, Геровски, Тричковски, па се до оној индијанецон Мерсел Биљали. Без нив ќе немаше ни украинско сценарио, ни “Шарена револуција”, ниту пак фарбање на Музејот на ВМРО со сматоци од јајца.

Гуевски: – Ве слушам внимателно и многу работи можат се` уште да се поправат. Но, што да се прави со онаа дебељуцка Јанева од СЈО? Ноќе и на сон ми се појавува. Се плашам некој ден да не ме собере од дома во пижами.

Дарко – Новинарко од Дневник: – Тој проблем треба да му се препушти на братучед ти Сашо. Има богато искуство со такви ситуации. Сети се само како на фин и културен начин се ослободи од Љубе Бошкоски и од Никола Младенов, како веле-мајсторски ги изведе операциите на Смилковското езеро и во Кумановското “Диво насеље”. Веројатно ќе смисли нешто слично и за обвинителката Јанева. Доста и беше сликање по македонските телевизии.

Груевски: –  Хм, интересна размисла! Во секој случај од братот Ердоган може многу да се научи. Не е лошо и ние да испробаме од неговите демократски рецепти. Само, ве молам не мешајте го Ѓорѓе Иванов и неговите советници во сета оваа работа. Во него повеќе немам доверба, скроз ја оплеска работата со аболицијата што му ја подготвив. Ми се чини, дека во моментот министерот Тодоров е вистинскиот човек на кој што можам да се потпрам. Негова беше идејата за легализацијата и масовната употреба на марихуаната. Со нејзина помош можеме да ја повратиме довербата на нашето членство. Имам впечаток дека е западнато во тешка депресија и се` помалку верува во мојата спасителска мисија. Затоа, нека се нарача една тона од Зегин и без рецепти нека му се дава на народот во пресрет на изборите. А, и за мене неколку дневни дози не ќе биде на одмет, да подзаборавам малку на бомбашките акции на Заев, со кои сакаше да ми ја презеде власта.