Традиционалните занаети, фолклорот, гастрономијата и историските приказни од минатото беа дел од фестивалот „Балканското наследство од 19 век“, кој се одржа изминатите три дена во Кратово, во организација на Здружението за култура и уметност „Пеонија“, во рамките на проектот „Културна област-заедница на културно наследство и атрактивен туризам за сите сезони, поддржан од ИНТЕРЕГ Програмата Бугарија-Северна Македонија.

Фестивалот ги обедини културните вредности и традициите на регионот, претворајќи ги улиците и амбиентот на Кратово во простор за средба со минатото.
Преку разновидна програма, посетителите имаа можност да се запознаат со старите занаети, народните обичаи, традиционалната музика, автентична храна и носии од прекуграниниот регион, како и со историските настани што оставиле белег врз културниот идентитет на Балканот.

„Посебно место на програмата имаа едукативните и креативни работилници за памукот, филцот, плетењето кошници и изработка на минијатурни бардачиња, преку кои беа претставени традиционалните занаетчиски техники и вештините што се пренесувале од генерација на генерација. Големо внимание предизвика и реконструкцијата на историската приказна „Битка против Османлиите“ во изведба н Здружението „Хајдути“ од Пловдив“, истакна Драган Георгиевски од Здружението „Пеонија“.
Дел од фестивалот беа и изложбени поставки, тркалезни маси и работилници посветени на староградската архитектура, етнокореологијата, модата од 19 и почетокот на 20 век,жените и традицијата, оружјето на ајдутите и други, преку кои се презентираа културните и историски вредности од минатото. Фотографските активности и сценските оживувања на историски настани дополнително ја доближија атмосферата на 19 век до посетителите.

„Фестивалот е дел од пошироката идеја на проектот „Културна област“ преку соработка, културни содржини и заеднички активности да се истакне богатството на културното наследство и да се зајакнат врските меѓу локалните заедници. Проектот ги поврзува Крива Паланка, Кратово, Ќустендил и Дупница, отворајќи можности за промоција на вредностите и традициите што ги поврзуваат овие простори“, вели Георгиевски.
Со фестивалот „Балканското наследство од 19 век“, се придонесува кон зачувувањето и популаризацијата на традицијата, истовремено поттикнувајќи го интересот на новите генерации за културното наследство. Бидејќи наследството не живее само во музеите и старите предмети, туку и во вештините, приказните и обичаите што се чуваат и се пренесувааат.
Проектот „Културна област“ го реализираат Регионалниот историски музеј од Ќустендил, Историскиот музеј од Дупница, ЛУ Градски музеј од Крива Паланка и Здружението „Пеонија“од Кратово, во соработка со Софискиот универзитет.


