Кражба на гробна биста, семејно насилство, фалсифукување исправи

Сподели

СВР Тетово поднесе кривична пријава против В.Ф.(21) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во текот на април 2025 година, пријавениот довел во заблуда лице од с.Тумчевиште така што склучиле договор за купопродажба на патничко возило, му го земал возилото „ауди“,  за да го однесе на мајстор за поправка и дека до 15.04.2025 година ќе отидат на нотар и ќе му ја плати договорената сума, но истиот не се јавил, ниту го вратил возилото.  

Регионалниот центар за гранични работи Север поднесе кривична пријава против М.Ј.(56) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“. На 17.05.2025 на граничен премин, на влез во државата, пријавениот на увид приложил фалсификувана хрватска возачка дозвола. 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.К.(57) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „узурпација на недвижности“. Во текот на 2024 година на катастарска парцела во дебарско во државна сопственост, пријавениот поставил метална конструкција и незаконски се стекнал со државно земјиште. 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Т.(46) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 07.04.2025, полициски службеници извршиле контрола  на патничко возило „дачиа“, управувано од пријавениот, при што било утврдено дека врши такси превоз без да поседува лиценца издадена од надлежен орган. 

На 22.06.2025 околу 11.30 часот во СВР Скопје, Ф.Р., инспектор во град Скопје, пријавил дека на ул.„Цветан Димов“ во Скопје, откако утврдил нелегален приклучок на водоводна мрежа, Б.А.(34) од Скопје му упатувал закани. Се работи на расчистување на случајот.

На 23/24.06.2025 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Р.Б.(28), К.К.(34), С.И.(28), Ф.М.(27), Р.Ј.(24), Д.А.(19) и А.Е.(23), сите од Скопје, затоа што кај нив биле пронајдени и одземени марихуана, бела прашкаста материја и непозната течност. По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци. 

Денеска (24.06.2025) околу 00.30 часот во СВР Куманово било пријавено дека на ул.„523“ во Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Н.М.(26) од с.Герман, општина Ранковце,  излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот и 15-годишна сопатничка, додека со телесни повреди се здобиле 14-годишна сопатничка и 16-годишен сопатник, сите од Куманово, констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово. 

На 23.06.2025 во 11.45 часот во ОВР Неготино било пријавено дека на патот Кавадарци-Неготино, патничко возило „фиат“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од М.Н.(18) од с.Сирково, општина Росоман, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила 17-годишната сопатничка, додека со телесни повреди Д.А.(19), двете од с.Сирково, констатирани во Итната медицинска помош Неготино. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Неготино. 

На 23.06.2025 во 16 часот во СВР Скопје било пријавено дека на сервисна улица која ги поврзува бул.„Никола Карев“ и бул.„Крсте Мисирков“, патничко возило „фолксваген лупо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.Ј.(18) од с.Сарај, скопско, удрило во И.Б.(67) од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Скопје. 

На 23.06.2025 во 13.50 часот во Полициската станица Карпош, од Јавната установа за згрижување деца било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник Р.М.(17), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето. 

На 23.06.2025 во 21.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека во стан на  подрачјето на Карпош бил пронајден починат Љ.И. (32) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по насоки на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

На 23.06.2025 во 12.00 часот во СВР Скопје, 24-годишна жена од Скопје пријавила дека во двор од куќа на подрачјето на Ѓорче Петров во Скопје била физички нападната од нејзиниот поранешен партнер И.Н.(30). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. 

На 24.06.2025 во  08.40 часот во СВР Скопје, В.Т.(75)  од Скопје пријавила дека во периодот од 03.11.2024 до 08.05.2025 од гробно место во с.Орешани, општина Зелениково, била одземена биста со ликот на нејзиниот починат брат. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

извор/фото МВР