Колумна

КРИМИНАЛНО ОПШТЕСТВО – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

litovski-foto

Живееме под проклет и тежок терет на криминални шаблони на владеење, антикварни националистички претстави за државата и прогресот, фалсификувани слики за минатото и стварноста, глупави и антихуманистички шеми за воспитувањето и образованието. Вертикалниот пад на цивилизацијата од почетокот на новиот милениум и воспоставувањето на неолибералниот „нов светски поредок“ познат и како „глобализам“, се случува заради изразениот социјален дарвинизам, а тој, пак, произведе акцелераторна појава на масовен кретенизам и рушења на сите човечки достоинства и вредности. Но, за жал, кога пред нашите очи се руши во најмрачната бездна целото човештво, човечката памет е далеку од реосознавање и реприфаќање на старата и едноставна вистина дека социјализмот е последниот спасоносен лек за милијардите кои умираат во претсмртниот грч на нашата криминална цивилизација.
Во време кога социолошката трауматологија не сака да ги земе во обзир милионските цифри на смртни случаи заради војни и неоправдано и неправедно богатење, ниту сака да ги види глобалните социјални катастрофи од најголеми размери, навистина е дегутатно да се занимава човек со нашиве ситни авторитарци и нивните ситни и крупни криминали. Ама, сепак, не е прифатливо да се заобиколат и амнестираат и таквите „локални“ криминали. Напротив, и таквите криминали треба да се запишат и опишат за да може генерациите кои доаѓаат да видат како изгледаше македонскиот портокалов „мафијашки двор“, да го видат варваризмот, да ги видат сите подлости, лаги, предавства, подмолности, корупции, измами, скандали, затворања, убиства…, да ја видат сета таа пирамида на злото и гадоста, целиот тој хаос од злосторства и криминална смрдеа.
Кај нас, криминалот се чини дека се претвори во природна и трајна состојба. Покрај таканаречениот „ситен“ криминал, кај нас бабри далеку поопасниот и поодвратен „крупен“ криминал на газдите, тајкуните, буржуите, кој се врши во соработка со политичките криминалци, кои заседнале со години во удобните директорски и министерски столици низ државните институции. Ние, всушност, ја имаме најопасната ситуација, оти, од една страна, мнозинството започна криминално да размислува, а од другата страна нашиот организиран криминал смислено создаде чувство на масовен страв и зависност, со што оформи мноштво ропски карактери, односно создаде своја армија од ниски и лигави луѓе. Вероподаници чии главни девизи се: „Не мисли со сопственатта глава, туку извршувај ги наредбите на газдата или пастирот“ и „Можеш и преку трупови, ако тоа носи добивка.“ Ваквата анималистичка филозофија, успешно ги елиминира сите морални пречки втемелени во срамот, гордоста, честа и совеста.
Нормализирањето на криминална општествена средина, применувањето на грабежот како егзистенцијално однесување, прифаќањето на насилството и суровата сила како методи за живеење, а на понизноста како животен став, создале посебен менталитет во кој исклучоците станале правило, маните добиле привид на доблести, изопаченостите се ценат како примери на кои треба да се огледаат младите генерации, нискоста и грабежливоста се претвориле во посакувани, прифатливи и нормални карактерни особини за висок општествен статус. Дури, крајно идиотски, нашите криминалци го споиле криминалот со својот националшовинизам, па одбраната на нивните грабежи ја претворија во чин на патриотизам. Впрочем, сосема е очигледно за сите дека расипаноста и комплетната аморалност го обликуваат и диктираат стилот на живот на нашите демохристијански владеачи и нивните поддржувачи. Затоа, на една страна цвета невидена раскош и тоа се пропагира, а на другата страна, за мнозинството владее најдлабока беда.
Десетогодишното живеење под власт на портокаловата мафија која ги заграбила сите материјални богатства за себе, е живот во долготрајна морална, духовна и материјална агонија. Своевидна национална катастрофа. Тоа е животот што се живее во знакот на идеологијата на баналноста, пропратен со доминација на кичот во уметноста, науката и културата. Тоа е, фактички, живуркање во мочуриште каде тапоста на умот и моралната закржлавеност се прогласуваат за цивилизациска придобивка и патриотизам, каде човечките постапки се управувани од нагоните на самоодржување или простата физичка сила, каде дозволено е сè што е под заштита и под патронат на моќниците. Тоа е соживот со злосторници, измамници, шверцери, крадци, со луѓе чие дејствување е определено од филозофијата на грабежот и злото.
Затоа, денес, никој нема да погреши ако констатира дека криминализацијата на земјата целосно го уништила хуманизмот, ги обезвредни сите нормални етички вредности, ги уби правото и правдата, а смислата на постоење во заедница го сведе на филозофија на глутницата, филозофија во која сите портокалови криминалци се штитат едни со други, но и сите се чуваат едни од други.

Сподели: