Вести Колумна Став Текстови

ВМРО ќе и стави вето на Македонија!? – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Со вакво водство на ВМРО, не само што над Македонија нема да се раѓа ново сонце, туку трајно ќе имаме црни облаци, пороен дожд, град и поплави. Можно e да исчезне и ова сонце што го имаме!

Војната меѓу Русија и Украина влегува во критична фаза.

Мерсел Биљали

Западните земји сега се спремни таму да пратат најсофостицирано оружје. Германија веќе донесе одлука за испраќање најмодерни тенкови „Леопард-2“ на Украинците, кои заедно со мобилните хаубици и оклопни возила „Гепард“ и „Мардер“, ќе бидат спремни за мајската контраофанзива. Исто така, американците освен тенкови „М1 Абрамс“ и бројни противоздушни системи, сега размислуваат да пратат и модерни авиони „Ф-16“! Разврската се очекува да се случи во текот на оваа година.

Паралелно, западните земји силно се спротиставуваат и на хибридната војна што Русија со години ја води низ одделни региони во светот, вклучително и на Западен Балкан. Добриот познавач на геополитиката – Erich Rathfelder, предупредува дека во моментот – Западниот Балкан се наоѓа во ептен тенок мраз, поради хибридни напади од Москва, од кое некои земји тешко може да настрадат. Тука, мала Македонија со големи проблеми (дел од нив самата ги продуцира), е во најпоголема опасност споредена со соседите. Дури и Црна Гора, која има големо српско население изгледа поимуна од нас, оти и во турбулентни состојби таа не отстапува од евроатлантската агенда. А тука едни академици веќе најдоа алтернатива! Таквите лоши игри многу скапо може да ја чинат државата.

Едни наши политичари, се повеќе свесно или несвесно потпаѓаат под влијание на една вешта руска местенка (поддржува одделни проруски елементи тука и во Бугарија), која има за цел да ја дестабилизира државата. Тие политичари познати по бојкотирање ум и разум, сеуште му кумуваат на лошото, за потоа самите да заглават во опасна мрежа сплетена од невидливи центри, кои не сакаат Македонија да ја гледаат како држава. Режимот на Путин, подолг период е фокусиран кон прелевање на војната тука, прво како хибридна, а потоа како вистинска, со цел дефокусирање! И тука, секој што покажува слики во воени униформи или чизми од минатото, не само што докажува дека не знае ништо друго, туку со тоа директно ја помага Москва во нејзините пеколни намери за регионот. Ние, како изгледа, навикнати сме на болеста и не сакаме да оздравиме.

За опасноста од дестабилизирање на регионот зборуваат и бројни светски безбедносни аналитички центри. Во својата анализа објавена во “Foreign Affairs”, Timothy Lees, јасно предупредува на сериозна опасност по мирот на Балканот. Тој заклучува дека можната дестабилизација на регионот само НАТО може да го спречи. Тука се и бројни други предупредувања, како што се анализите од светскиот лидер по геополитиката – „Stratfor”, кај што се наведува дека мирот на балканскиот регион е пред војнички отстрел. Тоа сите го гледаат освен тие што садат тикви со ѓаволот. А ѓаволот никогаш не доаѓа со страшно лице, остри заби и огнена стрела, туку со сé што душа ни посакува. За жал, кај нас, бројни луѓе, дури и од академската фела настојуваат да нé убедат дека токму најопасниот отров е најдобриот лек. Тивкиот бојкот на собранието е муниција за една таква хибридна војна, а попречувањето на уставните измени се артилерија во рацете на тие што ја водат таквата опасна војна. Тука не помага криењето зад реториката дека – “И ние сме за НАТО и ЕУ, ама без уцени и губење на идентитетот“! Никој нема да ја оправда логиката дека нема да ја премине реката само поради тоа што мостот не му се допаѓа! Уште помалце, ако гледаат дека ние цело време сакаме мостот да го урнеме! А секој знае дека мостовите служат за поминување, а не за уривање. Но, кај нас се е можно ако ве поддржуваат медиуми кои оправдано ја заслужуваат наградата по име „Гебелс“!

Вучиќ сепак е лидер!

 Дефинитивно најмоќната сила на светот ги легна на брашно Вучиќ и Курти. Со тоа се урива главниот штаб на овдешната хибридна војна. Наредниве недели или месеци ќе следи потпишување на договорот. Вучиќ, веројатно се обидел да купува време за да види како ќе се одвиваат работите во Украина, но кога видел дека на повидок е катастрофа за една бивша империја, тоја ја свртел плочата. А Курти, како опозиција фрлаше димни бомби во собранието на Косово против тогашната власт, која како компромис сакаше да ја прифати „Заедницацата на српските општини“, а сега како добар дечко ќе си седне убаво да си ја заврши домашната задача! Таа работа ја турка токму таа невидлива сила што целото косовско раковоство ја прати во Хаг, оти со коруптивни дејствија ја хранеше опасната дестабилизација на регионот.

А кај нас од Месечината се гледа кој ја храни руската намера за дестабилизиција на Балканот. Тие не можат да разберат дека неодамнешната анкета на ИРИ првенствено е наменета за вмровското водство. Ако сеуште не го разбрале тоа, поробро е да се поздрават со политиката, оти одамна се веќе поздравени со логиката. Нивниот ум сеуште не сака да се реxабилитира од тоа што со години на ѓаволот му градеа куќа. Никој веќе не може да предвиди што ќе се случи ако некој се осуди да ги попречи уставните измени! Што е најчудно, токму промените во Уставот се пред се во полза на државата. Првин, со тоа се признава постоење на два различни народи. Второ, тие се наши граѓани кои не смееме да ги дискриминираме поради лошите меѓудржавни односи.

Пред неколку години, Бугарија направи голема грешка, и сега еве две години е без влада, и над три милјарди евра европски пари има загубено поради глупостите што ги направи во однос на Македонија! Сега нека му ја мисли тој што сака да блокира уставни измени, со помисла дека тоа ќе го прави штом ќе дојде на власт! Тој филм нема да го види, оти веројатно ако во текот на летото не се смени Уставот, ќе следат други комбинации, така што ВМРО пак ќе остане на суво. А тек претстои разврска за многу работи кои лично ќе ги засегнат лидерите на одделни политички партии. А потоа ќе стане доцна, кога некој ќе му намигне некому со престој во Будимпешта.

ВМРО хистерично предупредува за наредното бугарско вето! А тоа веќе го нема оти самата ВМРО ќе и стави вето на Македонија со нејзините постапки. Најмногу што се противат на уставните измени се токму најголемите бугарски националисти и руските служби. Секој од свои причини. Тоа што тие би го сонувале, ВМРО би го исполнила. Аргументот дека Бугарите пак ќе ни ставаат вето е рамно на тотално незнаење. Сега воопшто нема да има гласање ако не ја завршиме задачата. Така што, самата ВМРО си става вето на државата. А кога би се одвивало се нормално, веројатно Бугарите  нема да постават друго вето, оти некој ги има фатено за опашката. Оваа партија мора да расчисти со тоа – дали е за ЕУ или за рускиот свет! Бројни „рубља-патриоти“ го знаат одговорот и затоа сме тука каде што сме!

Не верувам дека долго време целиот нормален свет ќе се растрча за да не одврати од намерата да ја запалиме сопствената куќа! Никој не може трајно некого со фаталистички чип во главата да го спречи да скокне во празен базен! Ама последиците ќе бидат од лична природа.

Со вакво водство на ВМРО, не само што над Македонија нема да се раѓа ново сонце, туку трајно ќе имаме црни облаци, пороен дожд, град и поплави. Можно e да исчезна и ова сонце што го имаме. И мајката ако силно ја прегрнуваме можеме да ја задавиме!

Сподели: