Денеска на градскиот базен во Куманово свечено беше отворен 3 – тиот интернационален турнир за ветерани во ватерполо, кој се организира по повод одбележување на Денот на ослободување на Куманово, 11 ноември.

Организатор на настанот е МКД “Мастерс”, македонска ветеранска ватерполо екипа, која со посветеност придонесува за промоција и развој на ватерполо спортот, како и за создавање нови спортски пријателства.

На турнирот учествуваат 16 екипи од 12 земји, со што Куманово уште еднаш потврдува дека е град кој ги негува спортот, пријателството и меѓународната соработка. Покрај екипите од земјите на поранешна Југославија, со исклучок на Словенија, учество земаат и ватерполисти од Бугарија, Романија, Турција, Унгарија и Словачка.

Интернационалниот турнир го отвори Андреја Маџовски, директор на ЈП “Куманово паркинг”, кој потенцираше дека овој спортски настан претставува одлична можност за промоција на Куманово како град на спортот и спортскиот дух, но и потврда дека љубовта кон спортот, пријателството и натпреварувачкиот дух не познаваат возрасни граници.
Утре се предвидени полуфиналните и финалните натпревари, како и детски ватерполо турнир, на кој ќе настапат четири екипи од Македонија и Србија.


