Играниот филм „17“ номиниран во категоријата Европско откритие – Награда ФИПРЕСЦИ

Сподели:

Долгометражниот игран филм „17“, дебитантско остварување на режисерката Косара Митиќ, во продукција на “Црна Мачка Продукција“ и Томи Салковски продолжува со меѓународна афирмација и успеси.

Официјално е номиниран во категоријата Европско откритие – Награда ФИПРЕСЦИ (European Discovery – Prix FIPRESCI) за 39. издание на престижните Европски филмски награди (European Film Awards).

Оваа значајна номинација претставува уште една потврда за уметничката тежина и автентичноста на филмот „17“, кој по светската премиера на Берлинале, триумфот на Ерусалимскиот филмски фестивал и Сараево Филм Фестивал, како и неодамнешната скопска премиера во рамки на Скопје Филм Фестивал, продолжува моќно да ги освојува срцата на меѓународната филмска критика и публика.

Наградата во категоријата „Европско откритие“, која се доделува во соработка со Европската федерација на филмски критичари (FIPRESCI), ги афирмира најталентираните нови европски авторски гласови. Вклучувањето на „17“ во оваа ексклузивна селекција е огромно признание за авторскиот тим, но и пошироко – за целокупната македонска култура.

Како дел од трката за победничките признанија, во периодот што следува филмот ќе биде претставен преку специјални кино-проекции и презентации пред членовите на Европската филмска академија низ европските културни центри. Гласањето на членовите на Европската филмска академија ќе се одржи во период од 14 декември 2026 година до 7 јануари 2027 година, додека свечената церемонија на доделување на 39. Европски филмски награди ќе се одржи на 16 јануари 2027 година во Атина, кога официјално ќе бидат соопштени победниците во сите категории.

Со оваа европска номинација и статусот на официјален македонски кандидат за наградата Оскар, филмот „17“ ја потврдува својата исклучителна уметничка вредност, истовремено служејќи како вистински амбасадор на новата генерација македонски авторки на меѓународната филмска сцена.

За ФИПРЕСЦИ Меѓународната федерација на филмски критичари (FIPRESCI – Fédération Internationale de la Presse Cinématographique) претставува глобална мрежа на професионални филмски критичари и филмски новинари од повеќе од 80 земји. Основана во 1925 година, а официјално воспоставена во 1930 година, главната мисија на Федерацијата е поддршка на филмот како автономна уметничка форма, од културни, а не од комерцијални или политички причини, со посебен фокус на поттикнување на новото и младинското филмско творештво. Федерацијата активно работи на промоција на филмската уметност и на заштита на слободата и етиката на филмската критика ширум светот. Преку независни жирија на над 80 акредитирани меѓународни филмски фестивали, меѓу кои и оние во Кан, Венеција, Берлин и Торонто, ФИПРЕСЦИ ја доделува престижната награда „FIPRESCI“ на филмски остварувања со исклучителна уметничка вредност. Покрај фестивалските жирија и годишната Голема награда (Grand Prix), Федерацијата поттикнува меѓународен културен дијалог преку едукативни работилници, истражувања и критички публикации. За повеќе информации, посетете ја страницата: fipresci.org

За Европските филмски награди Доделувани секоја година од 1988 година, Европските филмски награди ги одбележуваат најголемите достигнувања во европската кинематографија. Главната цел на наградите е да ја промовираат извонредноста и разновидноста на европскиот филм, да привлечат нова публика и да го насочат меѓународното внимание кон новите европски филмски таленти. Избрани преку гласање на 5.700 членови на Европската филмска академија, наградите оддаваат признание за врвни уметнички и технички остварувања во 22 категории, вклучувајќи играни, документарни, анимирани и краткометражни филмови, кои кулминираат со престижна годишна церемонија што се одржува во избраниот европски град-домаќин. За повеќе информации, посетете ја страницата: europeanfilmawards.eu

За Филмот „17“: Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар и СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network). Сценариото е потпишано од Косара Митиќ и познатиот хрватски автор Огњен Свиличиќ. Продуцент на филмот е „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем Филмс“ од Франција.

Сподели: