Куманово со мега концерт го прослави Денот на градот – 11 Ноември

Сподели:

Градскиот плоштад во Куманово вечерва беше место на вистински музички спектакл. Традиционалниот мега концерт, организиран во чест на Денот на градот, собра стотици граѓани, кои уживаа во богата и разновидна музичка програма под отворено небо.

Музичкиот хепенинг официјално го отвори градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, кој упати срдечна празнична честитка до граѓаните, посакувајќи им добро здравје, радост, среќа и незаборавно празнично дружење.

Во препознатливиот празничен амбиент, публиката имаше можност да се забавува во ритамот на поп, рок, хард рок, хип-хоп и рап музиката, во изведба на еминентни локални и национални уметници.

Музичката увертира на вечерта ја приредија Анастасија Спасевска, Марио Арангеловски, Ивона Јо, Мартинијан Кириловски, Лука Чомбе, Драгана Јовановска и Филип Александровски. За вистинска празнична еуфорија се погрижија и The Solution, Young Dadi, Bardhi, како и енергичните Brass Brothers. Кулминацијата на забавата ја предизвика една од најпознатите македонски групи Next Time, со емотивен настап и богат репертоар.
Во текот на празничната ноќ, небото над Куманово беше осветлено со спектакуларен огномет, симболично означувајќи го роденден на градот.

Сподели: