Колумна Текстови Ударни вести

КУРЦ ПАДНА! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Курц падна, и тоа според наши стандарди за чисто банална работа! Имено државното обвинителство за економски криминал започна истрага против Курц и неколкуте други истакнати членови на неговата партија ОВП, дека проневерија даночни пари во 2017 година, кои ги користеа за медиумскa кампањa во корист на нивната партија. Курц е осомничен дека користел јавни средства за плаќање реклами во еден корумпиран таблоид, со цел истиот да ги фали Курц и други челници на неговата партија, како и нивно фаворизирање во анкетите. Парите беа уплатени како реклами во таблоидот.

Мерсел Биљали

Во петокот Себастијан Курц беше категоричен дека нема да поднесе оставка, и вети дека ќе ја докаже својата невиност. Но, во нормално правосудство тоа што ќе го речете во петокот, не важи и за сабота. Тоа е денот кога австрискиот канцелар Курц клекна пред обвинителите, кои веќе ги претресоа просториите. Исто така партијата на Зелените, коалицискиот партнер на Курц, се заканија дека нема да бидат дел од владата ако не се поднесат оставки, со што целата коалиција би се срушила.

И така, сосема елегантно Курц на прес-конференција, рече дека “ја напушта функцијата”, за да се избегне хаосот во државата. Тој рече дека и коалицискиот партнер се позиционирал против него. На земјата, според него, и е потребна стабилност. Курц исто така е познат и по одржувањето блиски односи со многу автократски политичари од Балканот. Едни дури директно ги поддржуваше учествувајќи на изборни кампањи, веројатно за ептен добар хонорар. А бил и близок пријател со контраверзниот американски амбасадор во Германија за времето на Трамп – Ричард Гренел.

Кога кај нас обвинителството и судството би работеле според закон, не мора според австриските стандарди, веројатно ќе беше потребен шлепер обвиненија против партиски функционери и други носители на јавни функции. Но, тука владата може да падне единствено ако некој важен вистински се бори против корупцијата. Тука е јавна тајна дека бројни медимуми функционираат принципиелно – секогаш на страната на власта, оти таму е чекчмеџето. Тука е сосема нормално да се рентаат новинари и аналитичари, кои без срам и перде со ангелски речник ќе ги фалат сите ѓаволски работи. Бројни медиуми се полни со илјадници покриени зборови за да се сокрие голата вистина.

Замислете, дури и во една конзервативна Саудиска Арабија во 2017 година, по наредба на принцот престолонаследник и реформатор Мохамед бин Салман, беа приведени четворица министри, 11 принцови (негови роднини), и неколку високи бизнисмени. Тоа беше претставено како антикорупциска чистка. Сите тие вратија на државата огромна сума пари, за да се пуштат на слобода. Но, тоа е одговорно водење држава, поинаку хаосот како што го имаме единствено може да има прогресивна линија. Вака од шума прописи се создава законот на џунглата. Само тука можете јавно да ја полните чантата со пари и слободно да си заминете каде што сакате, Австралија, Нов Зеланд, Белизе. И затоа секоја влада луѓето ја доживуваат или како тест, или како судбина, или како казна! А мали умови продолжуваат да ги остваруваат нивните големи соништа!

 

Сподели: