Колумна Текстови

КСЕНОФАН И НАШАТА МАЛОГРАЃАНШТИНА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

Ксенофан од лидискиот град Колофон цели седумдесет години не стапнал во својот роден град. Го напуштил заради лошата власт, расипаноста на некои „угледни“ алчни семејства и малограѓанштината.

  Александар Литовски

„Демократски“ бил прогонет оти непрестано ги критикувал ваквата расипаност на богаташите и канцерогената општа малограѓанштина. Имено, Ксенофан ги подучувал своите сограѓани дека треба да внимаваат да не ги запоставуваат добрите, убавите и праведните нешта за сметка на пријатните, кои ако станат она по кое сите стремат и ги бараат, целосно ќе се одвратат од вистината и праведноста. А, во негово време, луѓето од Колофон, откако се научиле на практикување на сите форми од бескорисен луксуз, почнале да излегуваат на јавни собири во црвени тоги, наконтени и накитени со злато и дијаманти, со внимателно уредени фризури, цели избањани во скапи мириси подготвени од вешти мајстори… Станало сосема „природно“ и „нормално“ врз гробовите од нивни сограѓани, некои од  малограѓаните, а особено оние од богатите “угледните“ семејства да ги градат своите луксузни вили и својата незаситна лакомост за пари и имоти да ја заситуваат преку секојдневни нечесни дејства како измами, лаги, мито, корупција, кражби…

Токму тогаш кога градот бил најбогат со материјални богатства, а најсиромашен со доблести, граѓаните на Колофон паднале под тиранска власт, и на неа не ѝ се спротиставувале. Впрочем, од нив не можело да се очекува да ѝ се спротистават на тиранијата, кога удопството и луксузот им станале најважните нешта во животот. За нив, добра била секоја власт, па макар и тиранија, сè додека таа им овозможувала да уживаат во своите ситни задоволства. Доблеста, праведноста, вистината и други високи цели кои на човекот му ги налага неговиот разум и природа, и кои го прават да биде благороден, ги заборавиле и така, како што јавно глаголел Ксенофан, станале како говеда, или другите домашни животни, чијашто среќа се мери колку имаат за јадење, во какви штали се сместени и како се негувани од газдите. За овие малограѓани, сосема природно станало секој нивни тиранин да биде „благороден сопственик“, бидејќи тој им се престорил во нивните очи и нивниот поматен ум во неограничен и незаменлив господар. Сè што посакувале тие, ако животните можат да избираат и посакуваат, не е да се ослободат од тиранијата, туку да паднат во рацете на добар тиранин. Ксенофан праведно и умно изјавувал дека „го напуштив градот затоа што себе се гледав како човек и сакав да живеам меѓу луѓе, а не со говеда и коњи!“

И покрај тоа што бил прогонет, а и самиот сакал да си оди, Ксенофан, сепак, му дал повеќе на Колофон од сите негови жители кои, и пред него и по него, цело време останале таму да живеат. Откако македонскиот цар Лизимах го разрушил градот, во третиот век пред нашата ера, за никого од неговите жители веќе никој ништо не знаел и не си споменувал, а славата на Колофон во наредните илјадници години единствено ја бранел и чувал тој – филозофот Ксенофан! Токми тој, филозофот кој сакал да биде Човек и да живее меѓу луѓе.

Отсекогаш и насекаде – градот се луѓето, а не ѕидините. Највредното, најплеменитото и најубавото се чесните и умните луѓе, а не зградите, улиците театрите… Ако Градот најде сили и начини да ги сочува таквите луѓе кои можат да го влечат напред и ако успее споменот за таквите свои луѓе достоинствено да го меморира и да го претвори во парадигма за успешност и важност, тогаш може да се надева на континуиран развој и сигурен прогрес кон богат и цивилизиран живот. Поинаку кажано, нам ни требаат многу Ксенофани. Во спротивен случај, Градот постепено ќе се претвора во фавела во која царува нечистотија и криминал.

 

Сподели: