Лајка: Кампања за вдомување на постари кучиња

Сподели:

ЈП ЛАЈКА започнува нова емотивна и општествено важна кампања посветена на една од најзапоставените групи животни во прифатилиштата – кучињата сениори.

Под мотото „Секое куче заслужува дом, без разлика колку родендени прославило”, ја отвораме вратата кон шансата за подобар крај на животниот пат за оние кои најдолго чекале љубов, а најмалку ја добивале.

Кампањата има за цел:

  • да ги приближи сениорите до потенцијалните вдомувачи;
  • да ја разбиe стигмата дека постарите кучиња се „помалку вредни”;
  • да ја истакне нивната благост, смирен карактер и благодарност;
  • и да испрати силна порака: домот не треба да биде луксуз што се заслужува само додека си млад.

Во рамки на кампањата, секоја недела ќе бидат претставувани индивидуални приказни на нашите највозрасни, најтрпеливи жители – кучиња кои со години го чекаат својот човек. Преку емотивни фотографии, искрени „исповеди” од перспектива на самите кучиња, и медиумска поддршка, ќе се обидеме да го скршиме молкот околу оваа невидлива група.

Медиумите, активистите, јавните личности и граѓаните можат со големо срце да ја поддржат оваа иницијатива.

Време е за нова свест – љубовта не бара младост, туку добрина.

Сподели: