ЛДП бара итно враќање на достоинството на политиката и „Главните партии“ да вратат 4 милиони евра

Сподели:

Ова што го прават СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ од највисоко ниво, од нивните лидери преку нивните партиски соопштенија, е дегутантно. На секој граѓанин и на секој образован човек му се превртува во утробата кога ги гледа и слуша секојдневните меѓусебни пресметки.

Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува длабоко огорчување и најостар протест против тоталната деградација на јавниот говор и политичката дебата во нашата земја.

Кога еден лидер на помала партија почна да го користи овој ужасен речник, наместо сите да го осудат и изолираат, сега и “главните партии” почнаа да го практикуваат.

Јавниот простор е преплавен со навреди, каде што нормалниот разговор е заменет со токсични квалификации и епитети како „лажго“, „арамија“, „мекотел“, „безрбетен“, „квинслинг“, „душман“, „предавник“, „крвник“, „измеќар“, „пион“, „вазал“, „анароден“, „профитер“, „рекетар“, „клептоман“, „талог“ и „идиот“. Како дното да нема крај. Ваквите кафански муабети можат само да ја уништат државата, а не да ја направат развиена. Наместо понуда на идеи, економски развој, реформи во образованието и подобрување на животниот стандард, граѓаните се принудени секојдневно да бидат сведоци на најнизок примитивизам.

Затоа, ЛДП бара “главните партии” веднаш да им ги вратат парите на граѓаните, односно сите четири милиони евра што се земаат за финансирање на политичките партии. Граѓаните не можат да врзат крај со крај па уште мора да одвојуваат од својот џеб за “главните партии” да ги користат тие средства за ширење омраза и меѓусебно понижување.

Бараме итно враќање на достоинството на политиката. Ова не е Македонија каква што ја сакаат нејзините граѓани — Македонија заслужува култура на дијалог како што не учеа родителите, меѓусебна почит и одговорност пред народот.
Не во наше име! Од ЛДП никогаш нема да видите ваков примитивизам. Упатуваме отворен апел до сите граѓани, интелектуалци и општествени чинители: Заедно да ги осудиме, заедно да ги спречиме! – се наведува во денешната реакција на ЛДП.

Сподели: