ЛДП: Марко Зврлевски е последното упориште на режимот на Никола Груевски.

Сподели

„Првиот човек на Основното јавно обвинителство на Македонија, Марко Зврлевски, уште еднаш потврди дека е последното упориште на режимот на Никола Груевски.

Јавниот обвинител, по којзнае кој пат, длабоко заглавен во политиките на ВМРО-ДПМНЕ, се реши парцијално и еднодимензионално да води истраги за криминал, корупција и изборни измами и тоа само во градовите Скопје, Струмица и Куманово.

По овој чин, јасно е дека Зврлевски повторно бара криминал онаму каде што го нема, наместо да ги гони оние за кои цела јавност знае дека местеле и лажирале избори.

Зврлевски мора да знае дека со овој потег ја потврдува реалната слика на контролираното судство и обвинителство во Република Македонија од страна на власта во заминување. Но, свесно или не, секојдневно ја потврдува и потребата од постоењето и продолжувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство.

Само за потсетување, работата на актуелното Јавно обвинителство и во изминатиот период беше нотирано и во извештаите на ЕУ и ОБСЕ. Нивните препораки беа јасни, дека треба да работи независно по предметите, а и самото тоа ќе биде предмет на истрага на специјална обвинителка Катица Јанева.

Зврлевски, за жал, не ја научи лекцијата дека важноста на искрената и отворена борба против криминалот и корупцијата е еднаква на важноста на самата држава.

Оттука, ЛДП силно се залага за комплетна и суштинска реформа во целиот правосуден систем, како дел од препораките на Извештајот на Прибе, која исто така ќе го опфати и државното Основно Јавно Обвинителство (ОЈО)“, се вели во соопштението на ЛДП.