Каталонскиот парламент прогласи независност од Шпанија

Сподели

Пратениците на каталонскиот парламент денеска на тајно гласање прогласија независност на Каталонија од Шпанија. Гласањето го бојкотираа пратениците од опозицијата.

Каталонскиот парламент гласаше за почнување на конститутивен процес за одвојување на Шпанија со 70 гласа „за“, 10 „против“ и два неважечки, јавува каталонскиот весник „Вангвардија“.

Расправата во каталонскиот парламент траеше неколку часа, а ја одбележа остра поделба во поглед на барањето за независност. Портпаролот на водечката опозициска партија во каталонскиот парламент го искина на парчиња предлогот на сепаратистите за прогласување независност на регионот.

Граѓаните што се собраа пред зградата на парламентот со овации ја поздравија одлуката.

Шпанскиот Сенат денеска во 15.30 часот по локално време треба да гласа за членот 155 од шпанскиот Устав, кој овозможува преземање контрола над надлежностите на Каталонија, јавува шпанскиот весник „Ел Паис“. Гласањето беше закажано пред каталонскиот парламент да прогласи независност.

Народната партија на премиерот Маријано Рахој има мнозинство во Сенатот, така што се очекува дека неговиот предлог за активирање на членот ќе биде прифатен.

Седницата почна во 10 часот, а весникот пренесува дека премиерот Рахој во еден момент ја напуштил седницата. Тој претходно најави дека прв потег на шпанската влада е смена на лидерот на Каталонија, Карлес Пучдемон.